Америка и Иран го потпишаа мировниот договор порано од предвиденото
Соединетите Американски Држави и Иран вчера го потпишаа првичниот мировен договор со кој се предвидува завршување на војната и отворање на Ормускиот теснец, објави „Аксиос“.
Препорачано
Трамп потпиша копија од американско-иранскиот договор во палатата Версај во Франција, со што ја заокружи својата посета на самитот Г7. Потоа САД им испратиле фотографија од потпишаниот договор на Иранците, изјавил американски функционер. Документот потоа бил потпишан од иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан.
Le Président Trump a signé ce soir à Versailles l’accord entre l’Iran et les États-Unis.
Cet accord ouvre la voie à une paix durable et permet la réouverture du détroit d’Ormuz.
C’est un pas important dans la bonne direction pour nos compatriotes… pic.twitter.com/b1XgZrBv0m
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) June 18, 2026
Договорот ги обврзува САД и Иран да постигнат конечен договор во рок од 60 дена.
Потпишувањето првично било планирано за петок во Швајцарија, но дипломат од земја посредник и уште еден извор запознаен со процесот изјавиле дека имало разговори за тоа договорот да се потпише и да се имплементира порано.
Дипломатскиот извор навел дека забрзувањето на процесот било поврзано со цел Ормускиот теснец да биде повторно отворен пред петок, бидејќи двете страни се согласиле за ова прашање.
Друг фактор можел да биде политички притисок врз Белата куќа за објавување на текстот од меморандумот. Изворот тврдел дека Иран побарал текстот да не се објавува пред официјалното потпишување и дека Белата куќа не реагирала на политички притисок.
Францускиот претседател Емануел Макрон на платформата „X“ објави видео од Трамп како го потпишува документот за време на вечера во Версај.
Во видеото се слуша Трамп како вели додека потпишува: „Не беше лесно, тоа можам да ви кажам.“
Премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, изјавил дека лидерите на САД и на Иран го потпишале меморандумот и дека како прв чекор Иран веднаш ќе го отвори Ормускиот теснец, а САД веднаш ќе ја укинат поморската блокада.
Средбата меѓу делегациите на САД и на Иран, предводени од потпретседателот Венс и од претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, сè уште треба да се одржи во петок во Швајцарија, како што е планирано.
Тие треба да разговараат за почеток на преговори околу иранската нуклеарна програма.


