Фото: Фејсбук

Условно осуден, човек од доверба на Мицкоски, ќе биде одговорен за добро владеење?

Без да биде споменат со име и презиме, но со јавни податоци кои упатуваат на него,  Димитар Димовски, човек од доверба на премиерот Христијан Мицкоски, но и првостепено условно осуден за злоупотреба на службената положба, ќе биде одговорен за ресорот добро владеење.

Димовски, всушност, беше условно осуден за случајот познат како „Топлик“, за продажбата на државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, а беше обвинет и за случајот „Шпански скали“, поврзан со „Скопје 2014“. За овој случај обвинетите пред неколку години добиле ослободителна пресуда од Кривичниот суд.

Премиерот Мицкоски кажа дека вицепремиер за добро владеење повеќе нема да постои како ресор во Владата, туку дека ќе биде под негови ингеренции.

– Ценам дека како концепт е добар и дека можеби би бил најпродуктивен ако биде дел од мојот кабинет. Во мојот кабинет има секретар што е задолжен за следење на реализацијата на програмата на Владата и на владините политики, па оттука ценам дека би бил соодветен да биде одговорен и за добро владеење. Мислам дека еден член помалку во Владата на ниво на потпретседатели би било нешто што можеме да го претставиме пред јавноста – изјави Мицкоски во интервју на Телма.

Нема правда за ЗНАМ, за Вреди преодна „шестка“

Од она што може да се најде од јавно достапните документи и објави, станува збор за Димовски. На една објава од панел- дискусија од јануари 2026, тој бил панелист и таму е потпишан токму со оваа функција, „секретар за јавни политики, координација и следење на програмата на Владата и на други стратешки планови, проекти и инвестиции поврзани со приоритетите на претседателот на Владата“.

Разрешен е директорот на Развојната банка, кадар на СДСМ, кој го наследува?

„Слободен печат“ испрати прашања до Владата дали Димовски како осудено лице за злоупотреба на службената положба е соодветен кадар да биде одговорен за добро владеење, но одговор на прашањата не добивме.

Димовски беше првостепено осуден во „Топлик“, заедно со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како еден од членовите на Комисијата јавни наддавања при Министерството за штета на буџетот од над еден милион евра.

Според обвинението, Јанакиески, кој како раководно лице во Министерството, спротивно на Законот за јавни набавки, составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа. Во 2023 година јавниот обвинител се откажал од кривично гонење на обвинетите во случајот „Топлик“ поради застареност на делото кое настана како резултат на измените на Кривичниот законик.

За „Шпански скали“, исто така, беше обвинет Јанакиески, како и други државни службеници кои се товареа за незаконска продажба на градежно земјиште на плоштадот „Македонија“.

Димовски беше близок соработник и раководен државен службеник во Министерството за транспорт и врски за време на мандатот на ексминистерот Јанакиески, а беше и поранешен член и на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа тој се поврзуваше со бизнисите на Мицкоски, а опозициската СДСМ обвинуваше дека е негов бизнис-партнер во хидроцентралите преку компанијата „Енерготек“. Името на Димовски беше актуелно во февруари оваа година, кога неговата сопруга Ефимија Димовска беше назначена за директорка на Развојната банка. Тие тврдеа дека Димовска е сопственичка на една фирма, како и дел од управувачка структура на друг субјект.

– Сега партнерите на Мицкоски добиваат директен линк за своите семејни фирми во Развојната банка. Ова е класичен конфликт на интереси. Ова не е развој на државата, ова е развој на бизнисите на Хидро Мицкоски и неговите партнери – обвинуваа од СДСМ.

Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, поранешниот премиер Зоран Заев во телевизиска дебата тврдеше дека на лидерските средби се интересирал за Димовски, а поранешниот вицепремиер Артан Груби од собраниска говорница тврдеше дека Мицкоски не побарал амнестија за ниту еден од поранешните министри и функционери на ВМРО -ДПМНЕ, ниту пак за осудените за 27 април, туку барал амнестија само за неговиот бизнис-партнер Димовски.

Ресорот добро владеење е надлежен за спречување на корупцијата и на судирот на интереси, за зголемување на транспарентноста, за почитувањето на етичките кодекси и антикорупциски политики на Владата. Тој беше воведен во време на Владата на СДСМ и ДУИ, а последен вицепремиер во овој ресор беше Арбен Фетаи, кој два месеци не доаѓаше на работа, а притоа објавуваше фотографии од наводни посети на Тајланд. Два месеци откако не се појави на работа во Владата, Фетаи објави дека поднел оставка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот