Разрешен е директорот на Развојната банка, кадар на СДСМ, кој го наследува?

Развојна банка е државна банка и во неа пристигнуваат кредитните линии што ги обезбедува државата, меѓу кои и онаа од Унгарија.

Надзорниот одбор на државната Развојна банка го разреши директорот на Банката Кире Наумов, долгогодишен кадар на СДСМ кој беше на високи позиции во државава и кој важеше за остар критичар на политиките на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски.

Од Македонската берза стигна кусо соопштение: „Согласно член 166-б став(1) алијанса 4 од Законот за хартии на вредност, Ве известуваме дека Надзорниот одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје на седница одржана на ден 23.02.2026 година од функција член на Управен одбор – главен извршен директор го разреши Кире Наумов, за вршител на должност член на Управен одбор – главен извршен директор ја именуваше Ефтимија Димовска член на Надзорниот одбор.

Во соопштението нема образложение за разрешувањето.

Развојна банка е државна банка и во неа пристигнуваат кредитните линии што ги обезбедува државата, меѓу кои и онаа од Унгарија.

Новоименуваната вршителка на должност Ефтимија Димовска е сопственичка на компанијата за производство на електрична енергија од обновливи извори-Друштво за трговија и услуги ХН СОЛАРИС ДООЕЛ од скопското село Ржаничино. Таа истовремено е и сопственик на компанијата ХЕРБА НАТУРА ДООЕЛ увоз-извоз, лоцирана во истото село, а чија дејност е дестилација, прочистување и мешање алкохолни пијалаци.

Компанијата „Соларис“ во 2024 година остварила добивка од скромни 2.000 евра, но многу подобро ѝ одело со „Херба натура“ каде ланската добивка и е 24.500 евра., покажуваат податоците од платформата „Компани вол“.

На официјалната страница на Развојна банка е прикачена биографијата на Ефимија Димовска. Таа е родена во 1975 година во Берово. Дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на Катедрата за деловна економија. Образованието го продолжува во САД на University of Kentucky каде што во 2003 завршува едногодишни специјалистички студии за Економски развој и Бизнис администрација, а во 2006 година магистрира на University of Pittsburgh во областа на Јавна политика и менаџмент. Во 2013 година докторира на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје во областа на финансиите, со посебен фокус на истражувањата во делот на пристап до финансирање на мали и средни претпријатија. Својата 27 годишна професионална кариера ја гради на одговорни и раководни позиции во Министерството за финансии, Развојната банка, енергетскиот сектор и високото образование. Повеќе од 18 години активно работи во областа на развојно банкарство, финансиски сектор и меѓународни проекти.

Сега веќе разрешениот Кире Наумов е роден 1971 година во Скопје. По дипломирањето на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата за деловна економија, својата кариера ја започнува во Агенцијата за трансформација на претпријатијата со општествен капитал како соработник во Секторот за финансии и контрола. Во текот на својата кариера, работи како асистент од областа на математиката и статистиката на Економскиот факултет во Скопје, советник за економски прашања на претседателот на Владата на РМ, советник за економски прашања на претседателот на Република Македонија, директор на Агенцијата за разузнавање на РМ, претседател на Одбор на директори на осигурително брокерско друштво, дополнителен заменик-министер за финансии и заменик на министерот за економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот