ВИДЕО | Васил Гарванлиев: „Ми се закануваа по живот, два месеци од дома не излегував“
Пејачот Васил Гарванлиев призна дека добивал закани по живот и не можел да излезе од дома откако јавноста дознала за неговата сексуална определба.
Препорачано
Во поткастот „Марија во Америка“, кој се снима во Чикаго, тој на новинарката Марија Главчева ѝ раскажа за тешкиот период кога пред јавноста откри дека е хомосексуалец, а ја откри и љубовната приказна со сопругот Џејсон.
Џејсон е човекот кој на Васил Гарванлиев му го даде она што го бараше низ целиот свет – чувство на припадност и вистински дом. По години поминати во постојана преселба и градење кариера на различни континенти, нашиот пејач вели дека во Чикаго конечно ја пронашол својата среќа и мир.
„Јас си признав себеси кога бев тинејџер, на некои 16-17 години. Иако доаѓам од Струмица, јас ја имав целата поддршка од моето семејство. Мајка ми отсекогаш знаеше. Таа љубов е клучна. Мојата порака до сите млади е: бидете искрени со тоа што сте. Не се кријте, зашто мислам дека од сите тие потиснувања на емоциите доаѓаат лошите работи во животот“, изјави пејачот.
Најголемиот предизвик за него бил периодот околу Евровизија 2021, кога се соочил со невидена омраза и закани.
„Периодот на Евровизија беше многу тежок. Тоа беше време на постковид депресија, луѓето беа затворени, гневни и сето тоа се истури врз мене преку лажни вести и наслови креирани само за ‘лајкови’. Тие закани по живот не престануваа. Имаше момент кога буквално два месеци не излегов од дома. Ме болеше неправдата, бидејќи луѓето напаѓаа нешто што не го ни провериле. Но, јас спијам мирно бидејќи мојата совест е чиста“, рече пејачот и додаде дека за него било опасно да излезе на улица во Скопје и во Струмица.
Васил детално ја опиша врската и моментот кога сфатил дека Џејсон е вистинскиот за него.
„Успехот е ништо ако немаш со кого да го споделиш. Јас поминав години и години со куфери – десет години во Торонто, па Милано, па Лондон, па пак во Македонија. Но, сега конечно се чувствувам како дома. Кога ме праша Џејсон: ‘Зошто токму јас? Ти го имаш целиот свет на располагање’, му реков: ‘Затоа што кај тебе конечно имам дом. Ти си ми дом’. Таа љубов што ја имаме моментално, му ја посакувам на секој во овој свет, бидејќи тоа е движечката сила“.
Иако доаѓа од помала средина, Васил потенцира дека искреноста кон себеси и поддршката од мајка му биле пресудни за неговиот развој како личност.
Гарванлиев бил првата јавна личност од Балканот на насловната страница на светскиот магазин „Атитјуд“.
„Беше голема чест да се биде на насловната на ‘Атитјуд’. Потоа добив премногу пораки од родители и мали деца кои ми велеа: ‘Фала ти на храброста да го изодиш патот кој знам дека боли, но ми даваш надеж дека можам да се вратам дома кај мама и тато еден ден и да бидам прифатен’. Тоа за мене вреди повеќе од кој било музички успех“.
Денес, Васил Гарванлиев вели дека во Чикаго не само што гради нов живот, туку и по осми пат почнува од нула.


