„Повеќе пари за граѓаните, а не за партиските интереси на власта“ — Левица поднесе 47 амандмани кон ребалансот на буџетот
Пратеничката група на Левица поднесе 47 амандмани кон Ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кои, како што велат од партијата, бараат суштинска прераспределба на јавните средства кон области што директно го засегаат животот на граѓаните – безбедност, инфраструктура, животна средина, земјоделие, домување, социјална заштита, образование, култура, спорт и институционална отчетност.
Препорачано
Од партијата велат дека ребалансот што го предлага владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ е финансиски неодговорен и политички разголен документ. Наместо да ги коригира слабостите, според Левица, тој ги продлабочува истите. Дефицитот се зголемува, задолжувањето станува уште поголемо, а капиталните расходи привидно се прошируваат и покрај катастрофално слабата реализација на веќе планираните проекти, посочуваат од партијата.
„Амандманите на Левица се консолидиран пакет со јасна логика за парите да се пренасочат од непродуктивни и недоволно оправдани расходи кон конкретни јавни потреби. Во насока на контрола, отчетност и рационално користење на јавните ресурси, Левица бара воведување GPS-систем за службените возила, како мерка што треба да стави крај на неодговорниот, расипнички однос кон државниот имот. Во групата за безбедност, Левица предлага средства за противпожарна заштита, реконструкција и опремување на објекти во МВР, инфраструктура во Министерството за одбрана и АРМ, како и за центар за планинска безбедност, маркирање и спасување“, соопштија од партијата.
Третата група, како што посочуваат, се однесува на стратешката инфраструктура и енергетска стабилност. Амандманите за гасификација на ТЕЦ Неготино, Чебрен и хидросистемот Калиманци се насочени кон проекти што имаат долгорочно значење за државата. Во услови на енергетска несигурност и зависност од увозни и приватни интереси, од Левица велат дека државата мора да инвестира во капацитети што остануваат во јавна полза.
Четвртата група се однесува на животна средина, санација на еколошки ризици и заштита на природните ресурси. Левица предлага средства за санација на депониите во Кочани, Кратово и Штип, санација на хидројаловиштата во Пробиштип, Македонска Каменица и Кратово, за центар за рециклирање во Дрисла, заштита од шумска сеча во Осоговските и Малешевските Планини, за санација на штети од шумски пожари, фонд за национални паркови и валоризација на природните вредности на Огражден и Кожуф.
„Овие амандмани се одговор на моделот во кој животната средина се спомнува декларативно, а конкретните жаришта се оставаат да произведуваат здравствени, просторни и економски штети“, наведуваат од Левица.
Петтата група се однесува на инфраструктурата. Левица бара средства за канализациски системи и пречистителни станици, за велосипедска инфраструктура и за изградба на државни станови. Овие предлози, според Левица, ја отвораат суштинската разлика меѓу буџет за фасадна политика и буџет за живот.
Шестата група е насочена кон младите. Левица предлага фондови за млади лица и млади семејства во Штип, Велес и Кочани. Државата не може истовремено да жали за иселувањето и да нема буџетска политика што им создава услови на младите да останат. Прашањето на младите, според Левица, не се решава со кампањски пораки, туку со конкретни мерки за домување, поддршка и предвидлива животна перспектива.
Седмата група се однесува на земјоделието и безбедноста на храната. Левица бара откупни центри во Кочанско, Светиниколско, Велешко и во Струмица, финансиска поддршка за земјоделците и зајакнување на капацитетите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Ова, според партијата, е неопходно затоа што земјоделецот со години е оставен меѓу нестабилен откуп, доцни исплати, увозен притисок и институции што реагираат задоцнето или воопшто не реагираат. Без организиран, соодветен и навремен откуп, како и функционален надзор, нема ниту стабилно домашно производство, сигурна храна, ниту пак сериозна аграрна политика.
Осмата група се однесува на социјалната заштита, заштита на жените жртви на семејно насилство и јавното здравје. Амандманите на Левица се за: национална СОС-линија за жртви на семејно насилство, центри за жртви на сексуално насилство, шелтер-центри и програмата за заштита од ХИВ.
Деветтата група го опфаќа образованието, науката, спортот, културата и јавниот медиумски сервис. Левица предлага средства за унапредување на научноистражувачките и високообразовните капацитети, спортски објекти, финансиска поддршка за најдобрите спортисти, поддршка за планинарството и алпинизмот, средства за МРТ, за Управата за заштита на културното наследство и за националните установи – центри за култура.
Левица предлага и отворање Конзулат во Корча и поддршка на македонските заедници во соседните држави преку Агенцијата за иселеништво.
„Ја повикуваме ДПМНЕ конечно да излезе од погубниот теснопартиски рефлекс и да покаже дека власта не ја разбира како плен. Ребалансот и Буџетот не се документи за инает, пресметки и демонстрација на мнозинска ароганција, тие меѓудругото претставуваат проверка дали власта има зрелост да прифати разумен предлог кога не доаѓа од нејзините редови, а доаѓа од потребите и барањата на граѓаните“, порачаа од Левица.
Со ребалансот власта ја турка државата во нови долгови, обвини Лукаревска во Собранието


