Гласот на дијаспората бара систем што не смее да падне
Дијаспората може да добие полесен начин за гласање на парламентарни избори: електронски или по пошта. Но, пред да се случи тоа, државата ќе мора да одговори на најважното прашање: кој и како ќе ја гарантира тајноста, безбедноста и веродостојноста на секој глас?
Гласот на дијаспората за парламентарните избори досега минуваше низ амбасади и конзулати – со лично присуство, патување, трошоци и често со мала излезност. Сега власта ја отвора вратата за нов модел: електронско гласање или гласање по пошта. Но, токму тука почнува најчувствителното прашање во изборната реформа: дали Македонија има систем, капацитет, контрола и доверба за да си дозволи гласање надвор од избирачко место?
Препорачано
Идејата ја отвори премиерот Христијан Мицкоски, кој повика во Изборниот законик да се најде начин македонските државјани што живеат во странство да гласаат полесно на парламентарни избори.
Според него, целта е да се зголеми излезноста на дијаспората и правото на глас да не зависи од тоа колку далеку некој живее од најблиската амбасада или конзулат.
Токму затоа сега се отвора дилемата дали државата треба да оди чекор понатаму – кон електронско гласање или гласање преку пошта. Но, со таа дилема доаѓа и второто, потешко прашање: како да се гарантира дека секој глас ќе биде личен, таен, проверлив и заштитен од злоупотреби?!
СДСМ предупредува на „изборен грабеж“
Премиерот Христијан Мицкоски оценува дека олеснувањето на гласањето на дијаспората треба да биде дел од измените на изборното законодавство. Тој порача дека дијаспората мора да се чувствува поврзана со татковината и дека треба да се бара модел што ќе го направи гласањето поедноставно.
– Не е важно дали тоа ќе биде електронско, дали ќе биде со писма – изјави Мицкоски, повикувајќи да се најде пракса што ќе им овозможи на иселениците полесно да го остварат правото на глас.
Аргументот на власта е дека сегашниот модел ги става иселениците во тешка позиција, особено во држави и континенти каде македонските дипломатско-конзуларни претставништва се оддалечени со стотици или илјадници километри од гласачите. За власта, ниската излезност на дијаспората е доказ дека постојниот систем не ја исполнува целта.
Од СДСМ, пак, тврдат дека не се против гласањето на дијаспората, туку против начинот на кој се предлага да се воведе новиот модел.
Пратеничката Сања Лукаревска рече дека СДСМ нема да поддржи измени на Изборниот законик без јасни законски и безбедносни гаранции.
Таа побара прво да се донесе закон за електронско гласање, во кој ќе бидат наведени постапката, безбедносните критериуми, контролата, улогата на Државната изборна комисија (ДИК) и сите други сегменти од процесот.
Лукаревска предупреди дека, според СДСМ, предложеното решение не содржи доволно јасни механизми за заштита на изборниот процес. Таа побара прво да се оди со пилот-проект, со проверка на безбедносните критериуми и на независните сервери, пред евентуално воведување на електронско гласање до 2029 година.
Имаме ли капацитет?
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во разговор за „Слободен печат“ оценува дека гласањето на дијаспората од далечина не е невозможно да се организира, но клучното прашање е како државата ќе ги гарантира тајноста, сигурноста и неповредливоста на гласот.
Тој посочува дека во повеќе земји веќе постојат модели за гласање од далечина. Како пример ги наведува Соединетите Американски Држави, каде што, според него, во некои сојузни држави голем дел од гласачите гласаат по пошта, но потсетува дека таму постои систем на регистрација на гласачите.
Арсовски вели дека дијаспората има право да гласа, бидејќи тие граѓани се запишани во Избирачкиот список, па државата треба да најде начин да им овозможи да го остварат тоа право без да патуваат илјадници километри.
Тој смета дека Македонија, како мала земја, технички може да размислува за ваков модел, но дилемата е дали институциите имаат капацитет да го спроведат без ризик од злоупотреби.
– Македонија е мала земја и нема многу избирачки места. Може да се организира и електронско гласање пред и за време на изборите. Но прашањето е дали имаме капацитет тоа да го спроведеме – вели Арсовски.
Во однос на забелешките од опозицијата дека земјата не е подготвена за електронско гласање и дека постои опасност од злоупотреби, Арсовски вели дека таква оценка не може да се даде додека Владата не понуди конкретен модел.
– Ние не сме виделе како Владата планира тоа да го организира. Засега имаме само политичка желба да ѝ се овозможи на дијаспората да гласа електронски за да не патува. Нека предложат механизам како тоа ќе го спроведат, за да се гарантираат тајноста и неповредливоста на гласот, па тогаш може да коментираме дали се одговорени дилемите – вели Арсовски.
Демократски принцип
Универзитетскиот професор Јове Кекеновски, пак, оценува дека правото на дијаспората да гласа не смее да се третира како партиско прашање, туку како демократски принцип. Според него, избирачкото право произлегува од државјанството, а не од местото на живеење.
– Демократијата не завршува на државната граница – посочува Кекеновски, нагласувајќи дека државата има обврска да им овозможи на сите свои државјани реално, а не само формално, да го остварат правото на глас.
Според него, Македонија треба да ги разгледа современите модели како што се електронско гласање, гласање по пошта или комбинација од проверени механизми, но со високи стандарди за безбедност, заштита на личните податоци и сигурна идентификација.
– Иселениците не смеат да се гледаат само како економски ресурс, туку како дел од националниот, човечкиот, интелектуалниот, економскиот и културниот потенцијал на државата – порачува Кекеновски.
Тој не ги исклучува ризиците од електронско или поштенско гласање, но смета дека тие треба да се решаваат со стручна расправа, транспарентност, контрола и јасни механизми, а не со однапред отфрлање на идејата.
„Слободен печат“ побара став и од Државната изборна комисија (ДИК) за тоа дали институцијата има капацитет, технички услови и јасна правна рамка за евентуално воведување електронско или поштенско гласање за дијаспората. Но, од ДИК не добивме одговор. Ниту претседателот Бојан Маричиќ, ниту останатите членови на Комисијата, беа достапни за разговор.
Естонија како пример
Во расправата за електронско гласање најчесто се споменува Естонија, една од ретките европски земји каде што интернет-гласањето е редовна изборна практика. Колумнистот Ивица Челиковиќ потсетува дека системот таму се користи од 2005 година, а право да гласаат онлајн имаат и граѓаните во земјата и оние во дијаспората.
На парламентарните избори во Естонија во 2023 година, пишува Челиковиќ во својата најнова колумна, над половина од гласовите биле дадени електронски. Но, тој не го претставува естонскиот модел како обична апликација за гласање, туку како систем изграден врз дигитална идентификација, јасна правна рамка, техничка заштита и доверба во институциите.
Според Челиковиќ, естонскиот гласач за онлајн гласање користи компјутер, лична карта со електронски сертификати, ПИН-кодови, читач на картичка или мобилна идентификација. Така се потврдува идентитетот на гласачот и се отежнува можноста некој друг да гласа во негово име.
Еден од клучните механизми е можноста електронски дадениот глас да се смени. Ако гласачот бил изложен на притисок, може повторно да се најави и да гласа уште еднаш. Во естонскиот модел се брои последниот дигитален глас, а ако гласачот потоа излезе на избирачко место, физичкото гласање го поништува електронското.
Челиковиќ наведува дека Естонија користи и дигитален еквивалент на двојни пликови: првиот дел служи за проверка на идентитетот, а вториот го содржи самиот глас. По проверката, идентитетот се одвојува, а гласовите се пребројуваат како анонимни и шифрирани.
Но, тој нагласува и дека естонскиот модел не е без ризици. Челиковиќ се повикува на независни студии и на скепса кај дел од меѓународните експерти за онлајн безбедност, според кои софистициран злонамерен софтвер теоретски би можел да влијае врз компјутерите на гласачите или врз изборната инфраструктура.
И покрај тоа, пишува Челиковиќ, Естонија не се откажува од својот модел. Според него, земјата успеала да изгради „единствена комбинација од технички, правни и социјални решенија“, а довербата ја поставила како клучен услов за интернет-гласањето.


