Средношколците кои сакаат да бидат полицајци можат да се пријават во новото средно училиште, уписите се во тек
По 26 години пауза одново од септември се отвора можноста средношколци да се школуваат за полицајци. „Облечи ја униформата со гордост!“ е мотото на јавниот повик на Министерството за внатрешни работи за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија за учебната 2026/2027 година.
Препорачано
За упис во новото училиште, кое е именувано „7 Мај“ според Денот на македонската полиција, ќе може да конкурираат ученици со завршена втора година средно образование во кое било четиригодишно средно училиште во државава. Учениците што ќе се запишат ќе имаат настава по стручни и општообразовни предмети и ќе престојуваат во ученички дом (интернат) во склоп на Центарот за обука на МВР ) во Идризово, каде што за полицајци се школувани 24 генерации, од 1972 до 2000 година, во некогашното четиригодишно полициско училиште. Во согласност со јавниот повик, кога ќе матурираат МВР ќе им обезбеди работно место – полицаец.
Насилство во Скопје: серија напади и тепачки низ Центар, Карпош, Драчево, Бит-пазар, Шуто Оризари…
За да се запишат кандидатите треба да ги исполнат условите од конкурсот и да ја поминат селекцијата која ќе биде во три фази: проверка на моторички способности; писмено тестирање (општообразовен тест) и поединечен разговор (интервју) со кандидатот.
Конкурсот е отворен од 3 јули и ќе трае 15 дена, до кога заинтересираните треба да ги достават потребните документи со пријавата, која е достапна за преземање во повикот на МВР.
М-р Влатко Митковски, помошник на министерот на Центарот за обука на МВР, за МИА изјави дека целиот процес на реализација на конкурсот и селекцијата се очекува да заврши околу средината на август.
Бројот од двесте кандидати ќе се пополни и очекуваме голема конкуренција, а кога има повеќе пријавени кандидати може да се направи и добра селекција. Комисијата е на одобрување кај министерот, ќе има претседател и најмалку четворица членови и нивни заменици од релевантните организациски единици на Министерството. Очекуваме до 15-20 август да заврши сè и потоа учениците ќе имаат мал одмор и време да ги средат административните обврски за отпишување од претходното училиште и запишување во училиштето „7 Мај“, изјави Митковски.
Средното полициско училиште – Полициска академија е формирано со одлука на Владата и врз основа на Законот за средно полициско училиште, кој беше донесен во август минатата година поради недостигот од формализирано средно полициско образование.


