Д-р Аврамовска објаснува зошто автомобилот може да биде опасен за милениците во лето
Иако ова е тема која постојано се повторува секоја година со доаѓањето на летниот период, за жал, неодговорното однесување сè уште е реалност. Секое лето ветеринарите се сведоци на тешки случаи на топлотни удари кај миленици оставени во возила, каде што оштетувањата на организмот се толку сериозни што многу често е предоцна за да бидат спасени. За овој огромен ризик, „Слободен печат“ разговаравме со д-р Сара Аврамовска, доктор по ветеринарна медицина.
Препорачано
Отворен прозорец не менува ништо — возилото станува рерна за неколку минути
Многу сопственици живеат во илузија дека краткото напуштање на автомобилот не може да му наштети на кучето, особено ако надвор температурите не изгледаат екстремно високи. Д-р Аврамовска нагласува дека тоа е фатална грешка.
„Температурата во затворено возило може за многу краток период драстично да се зголеми. Дури и кога надвор не ни делува дека е екстремно топло, внатрешноста на автомобилот брзо се вжештува, а малку отворен прозорец нема да направи апсолутно никаква разлика. Поради тоа, симптомите на топлотен удар во возилото значително побрзо прогресираат и често за многу кратко време настанува смрт“, предупредува д-р Аврамовска.

Милениците немаат способност за ладење како луѓето
Дополнителен проблем е самиот начин на кој функционира организмот кај животните, што ги прави уште поранливи на високи температури во затворен простор, особено кога ќе се јави паника кај нив.
„Животните ја немаат истата способност за ладење како човекот и многу полесно и побрзо можат да прегреат. Ова уште повеќе се засилува во моментите кога тие ќе се вознемират и ќе се исплашат затоа што се оставени сами на таква жештина. Од тие причини, едноставно не постои временски период кој е безбеден за миленикот да биде оставен сам во исклучен автомобил“, објаснува ветеринарката.

Подобро оставете ги дома отколку во автомобил
Како конечен совет до сите сопственици, докторката апелира да не се ризикува животот на кучињата заради кратко извршување обврски во градот.
„Апелирам до сопствениците добро да размислат пред да го земат кучето со себе со автомобил во лето. Многу подобро е тие да поседат подолго време дома сами на ладно, отколку да ги изложувате на смртоносен ризик од топлотен удар во возилото“, заклучува д-р Аврамовска за „Слободен печат“.
На крајот, пораката е јасна, ниту едно „брзање до маркет“ или „завршување работа од две минути“ не вреди за животот на вашиот миленик. Автомобилите во лето стануваат вистински лимени рерни во кои воздухот исчезнува за миг. Бидете одговорни сопственици и заштитете ги вашите најдобри пријатели од овие непотребни и трагични ситуации.


