Ивица Томовски, директор на СОЗР/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Обоените таблички на службените возила драстично ги намалиле злоупотребите, тврди Томовски

Воведувањето на обоените регистарски таблички за службените возила придонесе за 70-процентно намалување на злоупотребите, изјави во „Тема на денот” на МРТ, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.

„Искрено, задоволен сум, можам да кажам дека едно 70 отсто е искоренета онаа злоупотреба. Сигурен сум дека ја има, повторно, некаде некои од пониските ешалони коишто сакаат да ги злоупотребат тие, меѓутоа се надевам дека граѓаните се доволно свесни, разумни, можат да сликаат, можат да пријават на телефонскиот број и на мејл адресата каде што ги имаме објавено од службата и ние да ги споделиме со вас медиумите, па ете ако не разбрале како треба да се однесуваат со државниот имот и сопственоста на народот, тогаш да им покажеме на дело“, рече Томовски.

Тој најави дека СОЗР започнува и пилот-проект за набавка на три електрични возила, кои ќе ги користат курирските служби за достава на документација меѓу државните институции во Скопје.

„Еве сега имаме истражување на пазарот, имаме еден мал мини проект во Службата за општи заеднички работи, планот ни е да набавиме три електрични возила за во градот Скопје, каде што ги користат нашите курирски служби, оние луѓе коишто разнесуваат дневно документи од институција во институција. Тоа ќе ни биде пилот проект, да видиме дали е издржливо и дали можеме во нашата држава со онаа инфраструктура којашто ја имаме за полначи на батериите, дали може да се издржи“, вели Томовски.

Говорејќи за државниот имот, Томовски потсети дека при преземањето на функцијата биле утврдени сериозни нерегулирани состојби, при што дел од државните објекти, меѓу кои и репрезентативни вили, немале имотни листови.

„Не знам зошто никој не се одлучил овие објекти да ги легализира. Имало некакви постапки коишто биле заглавени во државните лавиринти, но верувајте доколку сакате нешто да реализирате, ќе го реализирате. Ние направивме измена на законот, после таа измена на законот целиот државен имот го ставивме на располагање на службата, но е сопственост на Република Македонија. Нашата цел беше да можеме да почнеме овие објекти да ги реновираме, тие се во функција, но бидејќи не биле долг период реновирани, прокапуваат, имаат сериозни проблеми, но за да можете вие тоа да го направите како постапка за реновирање, тендерска постапка, морате првично да имате имотен лист. Денеска можам да кажам со оној имот со којшто располага Службата за општи заеднички работи, целиот е со имотен лист и е во служба на државата“, рече Томовски.

Мицкоски тргна кон поранешните раководства на безбедносните агенции

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот