Муцунски во Катар: Се разгледуваат можностите за авиолинија Скопје – Доха
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во рамки на официјалната посета на Државата Катар оствари две деловни средби, со извршните директори на „Катар ервејз“ и „Барзан холдингс“.
Препорачано
На средбата со раководството на „Катар ервејз“, една од водечките светски авиокомпании, министерот Муцунски ја претстави инвестициската отвореност на Владата, а се разговараше и за можностите за воспоставување директна авионска линија меѓу Скопје и Доха, соопшти македонското МНР.
„Соговорниците се согласија дека подобрата авиоповрзаност ќе придонесе за развојот на туризмот, трговската размена, бизнис-контактите и мобилноста на граѓаните, како и за дополнително унапредување на економската и културната соработка меѓу двете земји. На средбата со Барзан холдингс беа разгледани можностите за соработка во областа на одбранбената индустрија и безбедносните технологии, како и за размена на искуства во развојот на одбранбените капацитети, модернизацијата и зајакнувањето на институционалната отпорност“, се додава во соопштението на МНР.
Посетата на Муцунски на Катар е во рамки на напорите за привлекување нови инвестиции, поттикнување на извозот и продлабочување на економската и трговската соработка.


