Нема ни тендер ниту е започната поправката на жичницата — не се знае до кога до врвот на Водно ќе се оди пеш
Од Град Скопје објаснуваат дека за сервисирање се обезбедени 300 илјади евра, но дека сѐ уште не можат да прецизираат колку реално тоа ќе чини, затоа што во моментов сè уште не е склучен договор за поправка.
Кога повторно граѓаните ќе можат да ја користат жичницата за со неа да се искачат од Средно Водно до врвот, засега не се знае затоа што договорот за сервисирање сè уште не е склучен, а со оглед дека, како што беше соопштено, станува збор за сериозен зафат, не се знае ниту колку долго ќе траат таквите активности.
Препорачано
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој уште во мај соопшти дека жичницата е во катастрофална состојба и со самото тоа е небезбедна за превоз на патници, беше доста воздржан околу процените кога повторно овој објект би бил ставен во функција.
Наспроти него, од ЈСП „Скопје“ во изјава за медиуми посочија дека сервисирањето се очекува да заврши во септември, иако тоа сѐ уште не е ниту почнато.
Од Град Скопје објаснуваат дека за поправка се обезбедени 300 илјади евра, но дека сѐ уште не можат да прецизираат колку реално тоа ќе чини.
– Постапката за набавка на услугата за сервисирање на жичницата е во тек и се спроведува согласно важечките законски прописи и утврдените процедури. Поради долгогодишната негрижа дефектот е голем и сегашната администрација на Град Скопје обезбеди 300.000 евра со ребалансот за поправка на жичарата. Во моментот сè уште не е склучен договор, поради што не можеме да дадеме прецизни информации во однос на вредноста на сервисирањето и точниот датум на повторно пуштање на жичницата во употреба – велат од Град Скопје како одговор на нашите прашања дали веќе е договорено и дали започна сервисирањето, но и колку ќе чини.
Оттаму додаваат дека надлежните служби вложуваат максимални напори постапката да се заврши во најкус можен рок, при што највисок приоритет е безбедноста на корисниците и обезбедувањето на целосно безбедно и сигурно функционирање на жичницата.
Жичницата затворена на неопределено време, Градот чека понуда за нејзино сервисирање
Скопјани се сомневаа дека нешто не е во ред со жичницата веќе извесен период пред објектот сосема да запре со работа. Според вообичаеното работно време на овој објект, понеделник беше неработен ден, а секој последен вторник во месецот жичницата запираше поради редовен технички преглед. Но, во текот на април повеќе денови беше запрена отколку што работеше. Тогаш од ЈСП известија и за проверката што ја прави изведувачот на жичницата, фирмата „Допелмаер“, по што објектот беше ставен вон употреба, а од ЈСП оттогаш не е спомената жичницата.
Дека нешто сериозно се случува извести Ѓорѓиевски, кој информираше дека жичницата ќе остане приземјена на неопределено време, затоа што по проверката што ја направиле стручни тимови од австриската компанија, за првпат откако е изградена, било утврдено дека таа е во катастрофална состојба и дека има многу недостатоци што треба да бидат сервисирани во наредниот период.
Тој посочи дека комплетен сервис не е направен, дека ниту еднаш не е склучен договор за целосно сервисирање во изминатите 15 години откако работи жичницата и дека биле правени само мали и ситни интервенции.
– При увидот се констатирани сериозни недостатоци, предизвикани од тоа што со години не биле спроведувани неопходните големи сервиси и редовно одржување. Не станува збор за мали или тековни интервенции, туку за сериозен и обемен сервис кој очигледно бил занемаруван подолг временски период. Во однос на евентуална одговорност, како и сите случаи, за секој оној што направил неправилности, потребно е истражните органи да го испитаат случајот и да постапат во согласност со Законот – одговорија неодамна од Градот за „Слободен печат“.
Според јавно достапните податоци на Електронскиот систем за јавни набавки од 2023 година до денеска ЈСП „Скопје“ склучило четири договори со специјализирани фирми за технички испитувања. Во 2023, 2024 и последниот во јуни 2025 година се склучени договори за технички преглед на жичницата со Друштвото за технички испитувања, сертификација и технички прегледи „ТЦИ ЕуроЦерт“ ДОО Скопје во вкупна вредност од половина милион денари, секој со времетраење од една година. Во декември пак е склучен договор за испитување на громобранската инсталација на жичницата со друштвото „Индустриски инспекциски сервиси“ ДООЕЛ Скопје.
На 28 април годинава, ЈСП „Скопје“ склучило договор со скопската подружница на австриската фирма „Допелмаер“ за набавка на резервни делови за тековно одржување на жичницата, која веќе трет месец не е во функција. Договорот во вредност од 2.359.882 денари со вклучен ДДВ е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки дури на 3 јуни, а е реализиран без претходно објавен оглас.
На жичницата се правеле само мали интервенции, немало ниеден голем сервис
Законот за јавни набавки дозволува ваква можност, договор да се склучи со преговарање без објавен оглас, доколку набавката може да ја обезбеди само одреден економски оператор кога поради технички причини нема конкуренција за предметот на набавка или доколку нема соодветна алтернатива или замена.
На Електронскиот систем за јавни набавки нема објавено оглас за сервисирање, иако претпоставка е дека и тој договор ќе се склучи со преговарање, затоа што Австријците, кои се изведувачи на овој објект, веројатно се и најкомпетентни за неговото одржување.
Жичницата „Милениумски крст“, беше пуштена во употреба во јуни 2011 година, има 30 кабини или гондоли, се движи на растојание од 1,6 километри и има капацитет да пренесе 1.200 патници на час.
Значи, во текот на изминатите 15 години со жичницата до врвот на Водно се превезле неколку милиони граѓани, кои верувале дека таа редовно се одржува и е безбедна за нив и за нивните деца.


