Жичницата затворена на неопределено време, Градот чека понуда за нејзино сервисирање
Контролата која ја извршила компанијата „Допелмаер“ на Жичницата на Водно покажала дека таа е во катастрофално лоша состојба, по што е затворена и не е во функција. Град Скопје и ЈСП „Скопје“ сега ја очекуваат понудата за сервисирање и дефектажа на Жичницата на Водно, а според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски засега не може да се каже за колку време ќе се направат овие поправки и кога таа повторно би била ставена во функција. Но како што вели, веднаш штом бидат добиени понудата, цената и временскиот рок за тоа ќе биде информирана јавноста.
Препорачано
Нема ништо повредно во Скопје и во Македонија од човечкиот живот, а состојбата во која се наоѓаме во моментов се однесува на неодговорното однесување на моите претходници. Имавме контрола од страна на компанијата „Допелмаер“, која што е и изведувач на Жичарата за првпат откако е поставена во Градот Скопје, во подножјето на Водно, по која што инспекција е констатирано дека се наоѓа во катастрофално лоша состојба и дека има многу недостатоци кои треба да бидат сервисирани во наредниот период. Во соработка со директорот на ЈСП Саше Илиески веќе побаравме понуда да видиме колку ќе го чини јавното претпријатие и Градот сето она што би значело целосна дефектажа и враќање на Жичницата во состојба во која што јас ќе бидам пред се сигурен дека секое дете, секој граѓанин на Скопје ќе биде сигурен кога ќе ја користи, рече градоначалникот, кој денеска присуствуваше во Градскиот парк на Денот на Европа.
Летово нема возење со жичница на Водно – постои ризик да се откачи гондола
Жичницата, како што кажа тој, ќе биде затворена до оној момент додека не биде целосно во функција и сработена дефектажата за да може граѓаните безбедно да ја користат.
Јас немам точна информција бидејќи имаме побарано и финансиска пресметка од компанијата „Допелмаер“, но ќе треба и план на активностите да ни достават. Веднаш штом ги добиеме понудата, цената и временскиот рок за колку би се сработило, веднаш ќе ја информираме јавноста – рече Ѓорѓиевски.
Во однос на жичницата до Детската клиника, Ѓорѓиевски истакна дека се во комуникација со Министерството за транспорт и врски и со претседателот на Владата и дека верува дека во ребалансот на Буџетот ќе влезе и втората фаза од изградбата на на овој објект во делот од Козле до Средно Водно.


