Македонските новинари добија нови правила како да користат вештачка интелигенција и како да известуваат за самоубиства
„Строго е забрането користење дипфејкови, правење содржини кои ја менуваат сржта на информацијата. Причината е јасна: алгоритмите немаат професионална совест, имаат новинарите. Секој новинар е одговорен за новинарскиот производ и не може одговорноста да се префрли на вештачката интелигенција“, вели новинарот Васко Маглешов.
Како да се користи вештачката интелигенција во секојдневното новинарство, како да се известува за самоубиства и за ранливи групи, но и како да се разграничи реклама од медиумска содржина е впишано во новиот, изменет Кодекс на новинари, кој изминатиот период го правеше работна група од претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).
Препорачано
Кодексот денеска беше презентиран во Јуроп Хаус, каде од ЗНМ рекоа дека работната група поминала низ широк консултативен и инклузивен процес со целата новинарска фела, која, пак, конечно по 25 години доби изменети етички принципи да ги применува во работата.
Нов договор меѓу новинарите и јавноста
Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ, Кодексот го нарече „нов договор меѓу новинарите и јавноста“, односно договор преку кој новинарството ќе се обврзе професионално да одговори на времето во кое живееме.
„Светот денеска не е ист како што бил во 2000-те години. Тој се промени многу повеќе отколку што можевме да замислиме и да очекуваме. Од редакции со печатени изданија и традиционални ТВ-вести, денес стигнавме до наплив на дигитални платформи, социјални мрежи и вештачка интелигенција која за неколку секунди може да го смени текот на новинарството, да создаде фотографија или да генерира видеа“, потенцираше Чадиковски, додавајќи дека истовремено морале да се задржат и основните вредности, фактите, јавниот интерес и одговорноста кон граѓаните.
Според Чадиковски, ова не е „препишан“ Кодекс од некоја европска земја, туку е автентичен, бидејќи, како што кажа, македонското новинарство некогаш е горделиво и професионално, некогаш ранливо, но треба да остане отпорно кон притисоци.
„Алгоритмите немаат професионална совест“
Изменетиот Кодекс има посебен акцент кон дигиталното време. Затоа за прв пат се впишани прописи за вештачката интелигенција (ВИ).
„Секојдневно ја користиме, но (кога тоа се случува) мора да биде јасно означено, со цел читателот да не биде доведен во заблуда. Се разбира, строго е забрането користење на дипфејкови, правење содржини кои ја менуваат сржта на информацијата. Причината е јасна: алгоритмите немаат професионална совест, имаат новинарите. Секој новинар е одговорен за новинарскиот производ и не може одговорноста да се префрли на ВИ. Таа може да биде само алатка“, рече новинарот Васко Маглешов, дел од работната група која во изминатите две години го правеше Кодексот.
Има дел и за „кликбејт насловите“. Насловот и визуелизацијата треба да ја одразуваат содржината на новинарскиот производ.

Самоубиствата се ставени во посебен член
Новиот член 11 во Кодексот се однесува на известувањето за самоубиства и обиди за самоубиства, кое не смее да води кон детални описи и споделување експлицитни фотографии и видеоматеријали.
„Во изминатиов период имаше трагични настани, наплив од информации кои често завршуваа во Советот за етика или Советот на честа на ЗНМ. Ако гледаме компаративно со земјите од Европската Унија, во најголем дел постојат стандарди за известување за самоубиства и обиди за самоубиства“, посочи Маглешов.
Се разграничува што е „јавен интерес“ и „интерес на јавноста“. Како што рече Маглешов, јавноста може да биде љубопитна и да ја интересира каков шешир поседувал некој, но, истовремено, новинарот треба да знае што е од општо добро, со тоа што ќе им помогне на граѓаните да формираат мислења за безбедноста, здравјето, јавната отчетност, вршењето јавни функции и заштита на правата.
Новина е и тоа што медиумот има обврска секоја измена на веќе објавена содржина да ја означи „јасно и без одлагање“.
„Често во порталите се случува да се промени некоја информација, а читателот да не знае дека ја гледа променетата, а не првата информација. Тоа ‘тивко’ менување на содржините е неприфатливо. Секоја изменета содржина мора да реферира на старата – и да се напише на што конкретно се однесува. Така читателот ќе има поголем увид, но и поголема доверба во медиумот“, нагласи Маглешов.
Што содржи целиот Кодекс?
Во Кодекстот пишува дека слободата на медиумите е неприкосновено право. Мисијата на новинарството се темели врз правото на секој човек да има пристап до информации и идеи, во согласност со Универзалната декларација за човекови права и Уставот на Република Северна Македонија.
Задача и обврска на новинарите е да ги почитуваат вистината и правото на јавноста да биде навремено и точно информирана. Одговорноста на новинарот кон јавноста има предност пред обврските кон работодавачите или која било власт. Новинарот го штити јавниот интерес.
Целиот Кодекс може да го погледнете подолу:



