Колку е Србија навистина блиску до ЕУ?
Европската комисија смета дека Србија направила доволен чекор за отворање на Кластерот 3, но дел од земјите членки на Унијата предупредуваат дека проблемите со владеењето на правото, судството и демократијата не се решени. Одлуката повторно ја отвора дилемата дали Брисел ќе го награди Белград за делумен напредок или ќе инсистира на построги услови.
Брисел повторно се соочува со едно од најчувствителните прашања во политиката на проширување: како да ја задржи Србија во европската орбита, а притоа да не ги релативизира условите за владеење на правото.
Препорачано
Според информациите на „Еуроњуз“, Европската комисија во понеделникот им доставила на земјите членки информативна белешка во која оценува дека последните чекори на Белград може да бидат доволна основа за отворање на Кластерот 3 во пристапните преговори.
Белешката, датирана на 3 јули, според увидот на медиумот, тврди дека Србија го поправила „назадувањето“ идентификувано претходно годинава и дека презела мерки за јакнење на капацитетот на Обвинителството за организиран криминал.
Сепак, зад овој потег на Комисијата не стои едногласна политичка процена во Унијата. Текстот открива можен судир меѓу Брисел и дел од европските престолнини околу прашањето дали Србија навистина направила доволно за да ѝ се дозволи нов чекор во преговорите.
За едни, укинувањето на спорните судски закони е конкретен сигнал дека Белград реагира на европските препораки. За други, станува збор за премалку и прерано, бидејќи проблемите со независноста на судството, демократските институции, корупцијата и владеењето на правото остануваат отворени.
Судските закони го вратија Белград
Последната дебата е поттикната од одлуката на Белград да укине пакет спорни судски закони, усвоени во февруари и познати како законите „Мрдиќ“. Тие претходно беа остро критикувани од Венецијанската комисија, советодавното тело на Советот на Европа за уставни прашања.
Европската комесарка за проширување Марта Кос ја поздрави промената, оценувајќи ја како „важен чекор во вистинска насока“, а истовремено посочи дека разговорите за пошироката реформска агенда на Србија продолжуваат.
Комисијата, според одговорот до „Еуроњуз“, потврдила дека на земјите членки им испратила информативна белешка во која објаснува зошто смета дека последните српски мерки може да го оправдаат отворањето на Кластерот 3. Но, од Брисел истовремено било нагласено дека конечната одлука не е во рацете на Комисијата.
– Одлуката за напредок во пристапниот процес на Србија останува во рацете на Советот – изјави портпаролот на Комисијата.
Така, техничката процена добива политичка тежина, бидејќи земјите членки треба да решат дали последниот потег на Белград е доволен за отворање нова фаза или би испратил погрешен сигнал дека делумни корекции можат да ги засенат подлабоките демократски слабости.
Кластер 3 не може да се одвои од владеењето на правото
Клучната дилема во дебатата е што разговорот за Кластерот 3 не се води изолирано. Повеќе дипломати посочиле дека тој не може да се одвои од Кластерот 1, каде што се наоѓаат фундаментите на пристапниот процес: владеењето на правото, независноста на судството и демократските институции. Токму затоа дел од земјите членки се резервирани кон аргументот дека укинувањето на еден пакет закони е доволен доказ за траен напредок.
Неколку дипломати се повикуваат на доверлива оценка на Комисијата, циркулирана меѓу земјите членки на почетокот на 2025 година, која ја опишале како една од најкритичните оценки за напредокот на Србија во последните години.
Еден дипломат ја нарекол „најлошата“ оценка за проширување што ја видел, додека друг ја опишал како „погубна“. Во таа логика, Србија не може убедливо да оди напред во економските поглавја ако сè уште има сериозни проблеми со основите врз кои почива целиот процес.
Еден дипломат го сумирал скептичниот став со формулацијата дека укинувањето на законите е добредојдено, но „не значи дека Србија одеднаш е подготвена да оди напред“.
Според него, тоа само ја враќа земјата таму каде што била претходно. Друг дипломат оценил дека реформите во Кластерот 1 остануваат вистинскиот тест дали Белград е подготвен за суштински напредок.
Во исто време, други дипломати го гледаат потегот поинаку. Според нив, српската одлука да ги повлече спорните судски измени покажува дека владата е подготвена да реагира на препораките на Брисел и на Венецијанската комисија.
Од таа перспектива, проширувањето треба да награди конкретни чекори, дури и кога пошироките проблеми не се целосно решени. Тука се отвора поголемото прашање за ЕУ: дали кандидатите треба да бидат наградени за постепен напредок или тоа би ги ослабело стандардите што Унијата ги бара?!
Протечената верзија на оцената на Комисијата, според „Еуроњуз“, не се задржува само на судството. Таа укажува на постојани слабости во независноста на судството по усвојувањето на јануарското законодавство, но и на поширок модел на загриженост. Во документот се споменуваат недостатоци во демократското управување и протестите што следуваа по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица. Во оцената се наведува и дека безбедноста на демонстрантите не била секогаш гарантирана, дека имало насилни инциденти, а истрагите за несреќата биле забавени поради недостиг на соработка од полицијата.
Вучиќ, Русија и стариот европски тест
Дебатата дополнително се заострува по најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека има намера да се повлече по осум години на функцијата и да распише избори во следните три до четири месеци. Поддржувачите го претставуваат потегот како почеток на ново политичко поглавје, но критичарите оценуваат дека тоа може да биде тактички маневар со кој Вучиќ би ја задржал власта преку премиерската функција.
Портпаролот на Комисијата изјавил дека „правилното функционирање на демократските институции е во сржта на пристапниот процес на Србија“, додавајќи дека Брисел внимателно ќе ги следи идните избори за да се осигура дека тие се слободни и фер.
Но, експертите цитирани во текстот предупредуваат да не се чита најавата на Вучиќ како сигурен доказ за демократско отворање.
Берта Лопез Доменек од Европскиот политички центар оценува дека Вучиќ, откако го достигнал уставниот лимит од два претседателски мандати, може да се насочи кон премиерската функција.
– Тој се претставува како човек што го слуша народот – вели таа, но додава дека премиерската позиција би му овозможила да ја задржи контролата.
Според неа, домашната реторика на Вучиќ останува „воинствена кон ЕУ и пријателска кон Русија“, што значи дека вкупната позиција не е променета.
Слично предупредување дава и словенечкиот европратеник Владимир Пребилич, член на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Србија. Тој оценува дека нема „конкретна временска рамка“, нема распуштање на парламентот и нема гаранции за слободни и фер избори.
Според него, „козметичката промена“ во актуелната политичка поставеност нема да го промени европскиот пат на Србија, кој, како што вели, е фактички замрзнат од 2021 година.
Покрај внатрешната демократска траекторија, европските престолнини ја гледаат и надворешнополитичката позиција на Белград. Одбивањето на Србија да се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија, блиските односи со Москва и проширувањето на врските со Кина и понатаму ги усложнуваат пристапните разговори.
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, неодамна предупреди дека, за разлика од Црна Гора и Албанија, Србија бележи „постојана ерозија на политичките права и граѓанските слободи“, заедно со слабеење на демократските институции.
Српските власти, пак, тврдат дека Брисел применува нееднакви критериуми. Поранешната премиерка Ана Брнабиќ изјави за „Еуроњуз“ дека Србија се соочува со „двојни стандарди“, посочувајќи на препораките на ОДИХР за изборните услови.
– Не се откажуваме – изјави таа додавајќи дека Србија ќе работи уште повеќе, но дека е важно да презентира не само планови, туку и резултати.
Затоа спорот околу Кластерот 3 е повеќе од процедурално прашање. Тој ја покажува старата дилема на европското проширување кон Западен Балкан: дали Унијата треба да го одржува ангажманот со земја што ја смета за клучна за регионалната стабилност, или мора да инсистира дека без кредибилен напредок во демократските основи нема реално движење напред.
Србија нема поддршка да го отвори третиот кластер, Холандија е подготвена да стави вето


