Започнува имплементацијата на Националниот едношалтерски систем за олеснување на трговијата
Националниот едношалтерски систем (НЕС), еден од најзначајните проекти за дигитализација и модернизација на постапките поврзани со увозот, извозот и транзитот на стоки, влегува во фаза на имплементација. На седницата на Комитетот за управување со НЕС, со кој претседаваше заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, беше потврдено завршувањето на тендерската постапка и склучувањето на договорот со најповолниот понудувач за испорака и инсталација на новиот систем.
Препорачано
-Почнуваме со најкрупната реформа – имплементација на новиот Национален едношалтерски систем- истакна Николоски, посочувајќи дека проектот ќе овозможи компаниите побрзо и поефикасно да ги завршуваат законските процедури поврзани со надворешната трговија.
Според договорот, избраниот конзорциум има обврска до крајот на 2027 година да го развие, операционализира и стави во функција системот. Со неговото воведување, сите постапки за добивање дозволи за увоз, извоз и транзит, како и поврзаните плаќања, ќе се одвиваат електронски преку една единствена платформа.
Од Министерството за транспорт информираат дека целта на реформата е поедноставување на трговските процедури, намалување на административните бариери и подобрување на координацијата меѓу институциите. Новиот систем ќе овозможи електронска размена на податоци меѓу надлежните органи и поефикасно управување со процесите.
-Република Македонија е дел од проектот за олеснување на транспортот и трговијата во земјите од Западен Балкан, каде една од клучните компоненти е имплементацијата на Националниот едношалтерски систем. Тој ќе значи целосна замена на постојниот систем за управување со дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки со современо дигитално решение- се наведува во соопштението.
Воведувањето на НЕС се очекува да придонесе за побрзи процедури, поголема транспарентност и подобри услови за компаниите кои учествуваат во меѓународната трговија.
ДЗС: Извозот достигна над 3,5 милијарди евра, а трговскиот дефицит 1,4 милијарди


