ЕХФ одлучи: Пелистер на Червар ќе игра во Лигата на Европа, Охрид ќе ја брани титулата во Европскиот куп
Македонскиот ракомет ќе има еден претставник во новата сезона на Лигата на Европа. Еурофарм Пелистер и официјално е потврден како учесник во второто по квалитет европско клупско натпреварување, додека Охрид и следната сезона ќе настапува во ЕХФ Европскиот куп.
Препорачано
По добивањето на место за Вардар во Лигата на шампионите, битолчани го презедоа местото резервирано за македонскиот првак во Лигата на Европа според националниот рејтинг. Во исто време, Европската ракометна федерација (ЕХФ) не го прифати барањето на Охрид за добивање вајлд-карта и настап во елитното европско натпреварување.
Еурофарм Пелистер ќе биде дел од групната фаза и ќе се најде во првиот шешир пред ждрепката која е закажана за 17 јули. Битолчани ќе го започнат настапот на 29 и 30 септември, кога ќе бидат одиграни првите натпревари од новата сезона.
Червар: Еурофарм Пелистер е најголемото ракометно име во Македонија
Во новиот формат на Лигата на Европа ќе учествуваат 32 екипи поделени во групи. Првите две пласирани екипи од секоја група ќе обезбедат пласман во плејоф-фазата, каде ќе им се приклучат и третопласираните и четвртопласираните тимови од групите во Лигата на шампионите.
Плејоф-натпреварите ќе се играат во февруари и март 2027 година, а потоа следуваат осминафиналето и четвртфиналните пресметки. Завршницата на сезоната ќе биде резервирана за ЕХФ Лига Европа фајнал-фор, кој ќе се одржи на 22 и 23 мај 2027 година.
Охрид, пак, ќе продолжи да се натпреварува во ЕХФ Европскиот куп, откако не успеа да добие место во посилното европско натпреварување.


