Фото: РК Еурофарм Пелистер

Червар: Еурофарм Пелистер е најголемото ракометно име во Македонија

Новата приказна на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер за сезоната 2026/27 почнува со назначувањето на новиот тренер, Лино Червар кој беше претставен пред јавноста и медиумите.

Изборот на битолскиот клуб падна на олимписки и светски првак, човек кој е синоним за ракометот на овие простори. Червар се обрвза на двегодишен договор со РК Еурофарм Пелистер.

Стручњакот од Умаг беше селектор на Италија, Хрватска и Македонија, ги водеше Загреб и Металург, ги освои скоро сите титули со националниот тим на својата земја. Направи големи работи со Металург и македонската репрезентација, афирмираше многу ракометари, освојуваше титули, а и создаваше зрели личности од своите млади момци.

– Чест ми е што ќе работам во Битола, град со огромна традиција. По осум години се враќам во мојата втора татковина и тука ќе биде крајот на мојата кариера. Реков дека на сè доаѓа крај, а тоа е најубаво да се случи во градот каде ракометот е религија. Тука има луѓе кои му дадоа многу на ракометот, не само на Македонија, но и во поранешната Југославија. Битола е град на ракометот, луѓето кои сакаат спорт. А да се сака тоа што го работиш, тоа е најголемата среќа на човекот. Се исполни мојата желба, по договорот, видов дека постои желба кај луѓето од Битола да дојдам.

Ја користам приликата да ги поздравам сите поранешни тренери, сите играчи кои ги носеле боите на Еурофарм Пелистер, тоа за мене е најголемото ракометно име во Македонија. Ќе имаме тешка задача, конкуренцијата е голема, но морaме да бидеме позитивни. Ќе мора да ги пофалиме конкурентите, Вардар кој се разбуди и сега оди со големи чекори, мора да го пофалиме и одличниот Охрид кој донесе европска титула. Мора да соработуваме, да бидеме пријатели, а на игра мора да се бориме.

Македонија е мала земја, мора да бидеме едни за други, но кога се игра, Еурофарм Пелистер над сè. Само еден тим, само еден град, само Битола. Тоа ќе биде во мојата глава и така ќе ја тренирам нашата екипа заедно со сите мои помошници. Ние сме една фамилија, сите ќе дадеме сè од себе, да се бориме, да ја оправдаме довербата – изјави Червар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот