Фото: Монтажа / Икс

ВИДЕО | Експлозии го потресоа Дамаск за време на посетата на Макрон, 18 луѓе се повредени

Две бомби експлодирале во близина на хотелот во Дамаск каде што во вторникот францускиот претседател Емануел Макрон имал состаноци, објави „Ројтерс“.

Сепак, кабинетот на Макрон соопшти дека тој не ги слушнал експлозиите и дека набрзо потоа се сретнал со сирискиот претседател Ахмед ал Шара.

Експлозиите ги нагласуваат големите безбедносни предизвици во Сирија, каде што Макрон е првиот шеф на држава од голема земја членка на Европската Унија што ја посетува земјата откако бунтовниците предводени од Шара го соборија Башар ал Асад во 2024 година.

Експлозиите се случиле во прометна област меѓу сириското Министерство за туризам и Националниот музеј, преку улицата од хотелот „Фор Сизонс“, каде што Макрон се среќавал со претставници на граѓанското општество.

Сирискате медиуми објавија дека во експлозиите биле повредени 18 луѓе, меѓу кои и четворица полицајци.

Првата експлозија се случила кратко откако колоната на Макрон тргнала кон претседателската палата.

Снимки на „Ројтерс“ покажаа пламен и чад како излегуваат од канта за отпадоци, додека втора експлозија била снимена на неколку метри подалеку.

Втората експлозија се случила покрај амбулантно возило паркирано на местото, каде што се собрале околу дваесетина луѓе.

Сириските сили за внатрешна безбедност започнале потрага за идентификување на одговорните за експлозиите.

По експлозиите биле затворени патишта и биле засилени безбедносните мерки.

Француското претседателство соопшти дека експлозиите не можеле да се слушнат од колоната на Макрон, а новинар на „Ројтерс“ кој бил дел од медиумската придружба на францускиот претседател изјави дека не ја слушнал експлозијата ниту забележал метеж за време на утринските активности на Макрон.

Од кабинетот на претседателот соопштија дека тој ќе продолжи со планираната агенда за денот.

Посетата на Макрон имаше цел да ја нагласи политичката трансформација на Сирија под водство на Шара, кој воспостави блиски врски со западните и блискоисточните сили во обид да ја обнови земјата разурната од 13-годишна војна.

Постигнат е договор меѓу Курдите и властите во Дамаск

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот