Колаж „Слободен печат“, фотографија на Драган Митрески и од лекот клексан
Колаж „Слободен печат“, фотографија на Драган Митрески и од лекот клексан

„Клексан“ со уште два лека против згрутчување на крвта може да го земате со рецепт од аптека, без рефундација во ФЗОМ како што беше досега

Од пред една недела, „клексан“ е на позитивната листа на лекови заедно со уште два лека против згрутчување на крвта и пациентите може да го подигнуваат од аптеките со рецепт од специјалист, и за него повеќе нема да има рефундација од Фондот за здравство.

Заедно со „клексанот“ (еноксапарин), на позитивната листа друштво ќе му прават и антикоагулансите „надропарин“ и „ривороксабан“. За тие пациенти што купиле „клексан“ после 1 јули (во периодот од 1 до 15 јули), Фондот за здравство ќе врши рефундации на парите само за овој период, за да не бидат оштетени. Директорот на Фондот за здравство во заминување да биде прв човек на Министерството за здравство Сашо Клековски, информираше дека ова ќе значи заштеда на граѓаните и олеснет пристап.

Тој потенцираше дека на аптеките им дал неколку дена да се прилагодат – сите аптеки и матични лекари се известени и секоја аптека мора да ги има лековите на позитивна листа достапни на рецепт. Клековски ги повика сите пациенти што нема да најдат лек од позитивната листа во аптеките веднаш да ја пријават аптеката во Фондот на мејлот.

– Сè што е на позитивна листа мора да се издава на рецепт. Фармацевтските куќи велат дека некои аптеки не порачале доволни количини, но очекувам снабдувањето да се стабилизира. Пациентите не смеат да бидат вратени ако имаат рецепт. Сите три лека мора да ги издаде специјалист или гинеколог, ортопед, невролог, трансфузиолог, нема ограничување додека се држат до индикационите подрачја што се достапни – информираше Клековски.

Директорот на Фондот за здравство во заминување, кој наскоро со реконструкцијата на Владата ќе стане прв човек на Министерството за здравство, вели дека трите антикоагуланси на позитивната листа ќе значат заштеда за граѓаните и олеснет пристап.

-Антикоагулансите беа достапни со рефундација. Отсега па натаму ќе бидат достапни на позитивната листа со рецепт. Тие се од 1.100 до 2.700 денари зависно од дозажата, а сега ќе бидат достапни за партиципација од 160 до 240 денари и еден од брендовите ќе биде без доплата. Третиот антикоагуланс „ривоксабан“ е за првпат на позитивната листа. Тој беше меѓу 2.000 и 2.200 денари, а сега ќе е достапен за партиципација од 160 денари. Во почетниот период доплатата за него ќе биде од 105 до 505 денари зависно од дозажата и бројот на таблети. Од 1 јануари 2027 овој лек ќе биде достапен без доплата само со партиципација – информираше Клековски.

На ваков начин тој вели дека се постигнува намалување на цената за осигурениците и на цената на самите лекови.

-Заштедата на најкористеното пакување ќе е околу 1.700 денари. Референтната цена на лековите ќе биде спуштена во еден случај за 50 проценти, што значи дека ќе имаме намалена цена не само за пациентите туку и за Фондот. Означуваме дека понатаму ќе се стремиме да вклучуваме скапи лекови меѓу две и три илјади денари, на позитивната листа, зашто тие се товар за граѓаните. До крајот на годината ќе следува и нов круг со друг тип лекови. Првпат ставаме лекови на позитивна листа за намалување на цените. Во дијалог со фармацевтските куќи бараме вклучувањата да бидат без доплата, или каскадно и во случајот со „ривороксабанот“ ќе имаме намалување на цената од 50 проценти, онаа што ФЗОМ ја плаќа – рече директорот на ФЗОМ.

Тој смета дека на ваков начин ќе се раздвижи пазарот на лекови и ќе се влијае да почнат да се намалуваат цените на лековите достапни во Македонија.

-Нема да поминува едноставно, зашто ова ќе значи намалување на маржите на фармацевтските куќи и аптеките. Аптеките и матичните лекари се информирани и помина доволен период за лековите да ги има во аптеките и матичните лекари да почнат со препишување. Еноксапаринот и надропаринот се лекови што се користат во акутни фази, не во хронични. Се користат пред и постоперативно кај големи зафати за спречување венска тромбоза. Се користат во бременоста. Мора да нагласам дека клексаните не се третман за бременост туку за проблеми во бременоста. Во клексаните нема индикација бременост како таква. Мора да има друга индикација како венска тромбоза и ризици од слични состојби за да биде лекот препишан – појасни Клековски.

Ова нагласување од негова страна следува зашто, како што рече,  „во користењето на лековите, имаме состојба како сообраќајот пред „Сејф сити“.

-Малку е прекумерна и претерана употребата на лекови и тоа ќе мора да се стави во построга рамка за кои се индикационите подрачја каде што ќе може да се препишуваат. Меѓутоа, конечната одлука е на лекарот специјалист. Тој одлучува дали лекот ќе биде препишан или не. „Еноксапарин“, „надропарин“ ќе бидат достапни и во болничкото лекување како и досега и ќе се користат за продолжено болничко лекување во домашни услови. Годишната севкупна потрошувачка во болниците и аптеките е 100 милиони денари. За третиот антикоагуланс имаме само студија, досега не бил на позитивната листа. Според студијата може да се очекуваат од 6-10 илјади хронични пациенти во овој случај и треба да се издвојат околу два милиони денари на годишно ниво – рече Клековски.

Клековски, одговарајќи на новинарско прашање зошто откако „фостер“, лекот против астма и ХОББ доби конкурент „блоцета“ – конкурентот не може да се најде во аптеките, одговори:

– Во комуникација сме со двата производители, очекувам до петок да биде појасна состојбата со достапноста на двата лека бидејќи и со двајцата производители разговараме за некои промени – рече тој.

„Клексаните“ на позитивна листа требаше да се најдат пред Нова година, ама се задоцни од административни причини – се чекало еден од лековите кој имал проблем со регистрација. Следно Клековски најави проширување на позитивната листа со лекови против дијабетес, срцеви слабости и бубрежна инсуфициенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот