За ребалансот се поднесени 224 амандмани, заврши општиот претрес на Комисијата за финансирање и буџет
Собраниската Комисија за финансирање и буџет го заврши општиот претрес по Предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година, а по едночасовна пауза ќе започне амандманската расправа. За ребалансот се поднесени вкупно 224 амандмани – 87 од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левица и осум од коалицијата „Вреди“. Согласно собранискиот Деловник, расправата по амандманите може да трае најмногу десет работни дена, по што ребалансот ќе се најде на пленарна седница.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
И во завршницата на општиот претрес власта и опозицијата останаа на спротивставени позиции. Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека ребалансот е реален, развоен и насочен кон капитални инвестиции, додека од СДСМ тврдат дека станува збор за документ со нереални проекции и обид да се прикријат слабостите во економската политика.
Пратеничката Билјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Владата навремено реагира на новите економски предизвици и обезбедува дополнителни средства за патишта, училишта, болници, здравство, земјоделство, социјална заштита, за ученичкиот и студентскиот стандард, како и за мерката „Мој ДДВ“.
Од друга страна, Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ оцени дека ребалансот предвидува кратење на средствата за културата и културното наследство, посочувајќи дека се намалуваат буџетите за Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, реконструкцијата на Музејот на Република Северна Македонија и Агенцијата за филм.
Нејзиниот сопартиец Фатмир Битиќи оцени дека ребалансот претставува „финансиска обдукција на промашеното владино планирање“, обвинувајќи дека Владата ја прикрива буџетската состојба со ново задолжување наместо со реален економски раст.
На овие критики возвратија пратеникот Бојан Стојановски и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски. Според нив, ребалансот ќе обезбеди повеќе средства за инфраструктурни проекти и подобар животен стандард, додека Јанкуловски ја обвини поранешната власт за слаб економски раст во изминатите години и нагласи дека актуелната економска политика веќе дава резултати.
Во расправата се вклучи и Благој Бочварски од СДСМ, кој побара повеќе економски аргументи наместо политички препукувања, потсетувајќи дека во 2023 година биле реализирани капитални инвестиции во вредност од 710 милиони евра.
Со предложениот ребаланс, вкупните приходи се проектирани на 379,2 милијарди денари, што е за 1,1 процент повеќе од првичниот буџет, додека расходите се зголемуваат на 425,2 милијарди денари. За капитални инвестиции се предвидени речиси 46 милијарди денари, што е зголемување од 14,5 проценти. Владата останува на проекцијата за економски раст од 3,5 проценти, инфлација од 4,5 проценти и буџетски дефицит од 4,1 процент од БДП за 2026 година.
Растат приходите во буџетот, за шест месеци се собрани речиси 170 милијарди денари


