Растат приходите во буџетот, за шест месеци се собрани речиси 170 милијарди денари
Буџетските приходи во првите шест месеци од годинава достигнаа речиси 170 милијарди денари, што е за 8,6 проценти повеќе во споредба со истиот период лани, додека капиталните инвестиции бележат раст од над 53 проценти. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето за ребалансот на Буџетот за 2026 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Препорачано
Според министерката, во периодот јануари – јуни во државниот буџет се слеале 169,9 милијарди денари, а реализацијата на приходите веќе надминала 45 проценти од планираното за целата година.
-Јавните финансии се стабилни, приходната страна се реализира во согласност со очекувањата, а расходите се насочени кон исполнување на законските обврски и реализација на приоритетните развојни политики – рече Димитриеска-Кочоска.
Најголем дел од буџетските приходи доаѓаат од даноци. Даночните приходи достигнале 96,7 милијарди денари, при што најголем удел има данокот на додадена вредност со 43,3 милијарди денари или речиси 45 проценти од вкупните даночни приходи.
Во првото полугодие се наплатени и 17,5 милијарди денари од персонален данок на доход, 13,8 милијарди денари од данок на добивка и 13,9 милијарди денари од акцизи. Податоците покажуваат раст на приходите од ДДВ за 16,4 проценти, од данокот на добивка за 14,5 проценти, од персоналниот данок за 11,7 проценти, како и зголемување на приходите од увозни давачки за 8,3 проценти.
Според министерката, овие показатели се доказ дека економската активност продолжува да расте, компаниите работат, платите се зголемуваат, а државата успешно ја подобрува наплатата на јавните приходи и ја намалува сивата економија. Социјалните придонеси во првите шест месеци достигнале 58,8 милијарди денари, што е раст од 7,5 проценти во однос на истиот период минатата година.
На расходната страна од Буџетот, во првата половина од годината се реализирани 205,9 милијарди денари. Од тие средства, 58,1 милијарди денари се исплатени за пензии, 25,5 милијарди денари за здравствениот систем, а 7,6 милијарди денари за социјална заштита. Кон општините се префрлени 15,1 милијарди денари блок-дотации за образование, детска заштита, култура и други надлежности, како и дополнителни 2,4 милијарди денари од приходите од ДДВ.
Во истиот период државата вратила и 1,2 милијарди денари на компаниите по основ на солидарниот данок. За сервисирање на јавниот долг исплатени се 12 милијарди денари за камати и 60,7 милијарди денари за отплата на главнината на домашниот и странскиот долг. Министерката нагласи дека редовното сервисирање на обврските е клучно за зачувување на довербата кај инвеститорите, меѓународните финансиски институции и кредитните агенции.
Најголем раст, според неа, има кај капиталните расходи. Во првите шест месеци за инвестиции се реализирани 19,4 милијарди денари, што е за 53,5 проценти повеќе од истиот период лани. Средствата се насочени кон изградба на патишта, железници, комунална инфраструктура, училишта, градинки, здравствени установи, водоводи, канализации и енергетски проекти. Само за изградбата на коридорите 8 и 10-д до крајот на мај биле реализирани 6,3 милијарди денари, додека за инфраструктурни проекти во општините биле издвоени дополнителни 2,1 милијарди денари.
Со ребалансот власта ја турка државата во нови долгови, обвини Лукаревска во Собранието


