Модернизација на Народната банка со нов дигитален склад на податоци и европски стандарди
Народната банка направи значаен чекор кон модернизација на системот за екстерни статистики, откако успешно ги заврши првите две фази од проектот финансиран од Европската Унија за зајакнување на капацитетите во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи.
Препорачано
Проектот предвидува воспоставување современ склад на податоци кој ќе овозможи побрза обработка, подобра анализа и поголема достапност на статистичките информации за институциите и јавноста.
Во првата фаза била направена анализа на постојната состојба и подготвена функционална спецификација, додека во втората е изработен дизајнот на ИТ-решението и нацрт-документацијата. Во наредниот период следуваат развојот, тестирањето и имплементацијата на новото системско решение.
Од Народната банка велат дека новиот систем ќе придонесе за целосна дигитализација и оптимизација на работните процеси, ќе ја зголеми оперативната ефикасност и ќе овозможи поквалитетни, посеопфатни и полесно достапни статистички податоци.
-Проектот финансиран од Европската Унија ќе овозможи воспоставување современ склад на податоци за потребите на екстерните статистики, унапредување на интерните работни процеси преку нивна понатамошна дигитализација и оптимизација, зголемување на оперативната ефикасност, како и обезбедување поквалитетни, посеопфатни и подостапни статистички податоци за јавноста и институциите. Истовремено, поддршката од ЕУ претставува важен придонес за исполнувањето на обврските во процесот на европска интеграција и за понатамошното усогласување со статистичките стандарди и практики на Европската Унија- соопштија од Народната банка.
Освен воспоставувањето на новиот склад на податоци, проектот опфаќа и воведување на меѓународниот стандард ISO 20022 во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), што претставува уште еден важен чекор во модернизацијата на домашниот платен систем и неговото усогласување со европските и светските стандарди.


