Пропаднаa измените на Изборниот законик, на избори – по старо!
Наместо да се договорат, партиите даваа нови предлози, а истовремено ги „цементираа“ своите барања и приоритети. ВМРО-ДПМНЕ вчера одговорноста ѝ ја префрли на опозицијата, со став дека ќе прифатат сè за што ќе се усогласат опозициските партии, но не отстапува од барањето и дијаспората да гласа
Пропадна обидот власта и опозицијата да постигнат консензус за измени на Изборниот законик и на следните парламентарни избори партиите ќе настапат според актуелните изборни правила. Наместо договор за изборната регулатива, партиите додаваа нови предлози, а истовремено ги „цементираа“ своите барања и приоритети.
Препорачано
ВМРО-ДПМНЕ одговорноста за консензус за Изборниот законик ѝ ја префрли на опозицијата, со став дека ќе прифатат сè за што ќе се усогласат опозициските партии. СДСМ оцени дека се потврдила намерата на власта за изборен грабеж и манипулација со 200.000 гласови на дијаспората. За ДУИ разговорите за Изборниот законик веќе се пропаднати, Левица смета дека преговорите треба да продолжат во работната група, додека Албанската лига на Зијадин Села најави дека и тие ќе го блокираат Изборниот законик со околу 300 амандмани.
– Сè што ќе го договорат Левица, СДСМ, ДУИ и другите помали опозициски партии – од финансирањето, гласањето на дијаспората, предлогот за една изборна единица и сите детали што се вклучени, ние тоа ќе го прифатиме ако биде прифатен нашиот став – за дијаспората да може да се почитува уставно загарантираното право и да може да гласа и да се изјаснува на избори – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски по средбата меѓу партиите за Изборниот законик.

Тој додаде дека укажале на тоа оти гласањето по пошта треба да се регулира со подзаконски акт што ќе биде донесен од Државната изборна комисија до крајот на 30 септември 2028 година и дека од опозициските партии биле информирани за непроменливоста на нивните ставови.
– Ние, како коалиција, заедно со Вреди и ЗНАМ понудивме еден друг модел, кој сметаме дека треба да биде прифатен, бидејќи нашата цел е дијаспората да може да се изјасни на помасовен начин од она што е сега. Нашата понуда е опозициските партии ДУИ, СДСМ, Левица и помалите партии меѓу себе да се договорат за сите различности што ги имаат – за една изборна единица, за моделот на финансирање, за моделот на изјаснување на дијаспората. Сето тоа што опозициските партии ќе го понудат до нас преку еден пречистен текст на закон, ние тоа ќе го прифатиме – рече Стојановски.
ДУИ: Одредени политички партии не го почитуваа договореното
ДУИ, пак, констатира дека разговорите за усвојување на измените на Изборниот законик не успеале. Координаторката на пратеничката група на ДУИ Рина Ајдари рече дека преговорите не пропаднале по вина на сите, туку поради повлекувањето на одредени политички партии од ставовите за кои претходно бил постигнат договор.
– Усогласениот предлог беше доставен во Собранието, а ДУИ го потпиша токму во форма што беше договорена во рамките на работната група. По доставувањето на предлогот во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ се повлече од две суштински точки на договорот – од електронското гласање на дијаспората, барајќи гласањето да се одвива преку пошта и од договорот – подзаконските акти на ДИК што се однесуваат на електронското гласање на дијаспората да се донесуваат со консензус, барајќи тие да се усвојуваат со мнозинство гласови. За нас ова е неприфатливо, бидејќи отвора простор за политички инженеринг и надгласување, како што се случи во 2024 година кога членката на ДИК, Дитмире Шеху, беше надгласувана од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Вреди – рече Ајдари.

Таа е децидна дека секое изменување и дополнување на Изборниот законик, мора да биде усвоено со меѓуетнички и меѓупартиски консензус.
– Остануваме цврсто на ставот дека на државата ѝ е потребна една изборна единица, но со отворена листа за пратеници и со изборен праг од пет отсто од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список. Активно придонесувавме и потпишавме една драфт-верзија и сега се бара консензус над консензусот што веќе го имаме и како документ доставен во Собранието. Затоа мислам дека ова е крај на преговорите и ќе се оди со стариот Изборен законик – рече Ајдари.
СДСМ смета дека нема што тие да се договараат со опозицијата. Според социјалдемократите со последната понуда се потврдило дека намерата на власта не била ниту за реформи, ниту за подобрување на Изборниот законик, туку само за изборен грабеж и манипулација со 200.000 гласови на дијаспората.
-Вистината е дека се е лага кај Мицкоски и ВМРО. Ниту сакаат, ниту имаат политички капацитет за консензус, ниту искрена намера за политички дијалог. Нема што СДСМ да се договара со опозицијата. Проблемот е кај власта, кај Мицкоски кој сака да манипулира со 200 илјади гласови. Нели ВМРО тврдеше дека веќе има договор со Левица и ДУИ? Нели беа заедно и на лидерска средба? Повторно се покажа дека единствено што знаат е да ја лажат и манипулираат јавноста. Не му е важна на Мицкоски реформската агенда – тоа му е само изговор и алиби дека ништо немаат исполнето од потребните реформи во евроинтеграцискиот процес – рече пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска.

Според неа, власта е во паника бидејќи ја губат поддршката од граѓаните, и затоа измислуваат секакви изговори и секакви модели само да ја исполнат целта – да отворат простор за изборен инженеринг.
-Прво беше електронско гласање, откако не им помина, гласање по пошта – и двата модели по нивна мерка за совршена кражба на гласови. Овие одредби треба да почнат да се применуваат дури од изборите во 2029 година. Значи има доволно време да се изгради сериозен, сигурен и кредибилен модел, низ широка јавна дебата, политички консензус – смета Тренчевска.
Координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов рече дека во моментов партиите се во пат-позиција. Според него, процесот треба да продолжи, и тоа во работната група, а не на ниво на координатори, односно да разговора само опозицијата. Власта го одбила овој предлог, тврди Крмов.
– Нашето компромисно решение беше – добро, во ред, во насока на демократизација на македонското општество да помине предлогот една изборна единица, и како пилот-проект – нека гласа дијаспората по пошта, но само за претседателските избори. Тоа денеска на мое изненадување беше прифатено од ВМРО-ДПМНЕ и кажаа дека тоа е фактички став на целата коалиција. Иако се сомневаме дека сепак тука постои договор помеѓу поголемите партии една изборна единица да не помине – рече Крмов.

Според него, ако се проширува начинот на гласање на дијаспората, тогаш разговорите треба да продолжат и сите проблематични детали да се испеглаат.
Албанската лига спрема 300 амандмани
Претседателот на Албанска лига Зијадин Села рече дека се залагаат за отворени листи, за изборен модел со осум изборни единици и гласање на дијаспората, електронски или по пошта, на сите изборни циклуси.
– Ние го браниме истиот став и сè додека не е завршено, ги повикуваме сите политички актери да ги прифатиме отворените листи. Имајќи предвид дека дијаметрално сме на спротивните страни во врска со изборните единици, постигнат е договор да останат шесте изборни единици. Албанска лига се залага дијаспората да гласа електронски или по пошта на сите изборни циклуси, а не да им се дозволува да гласаат само на одредени избори. И ние ќе блокираме со амандмани затоа што сакаме дијаспората да гласа и на претседателски, и на парламентарни и на локални избори – рече Села.

Од владејачката Вреди велат дека прифаќаат дијаспората на избори да може да се изјасни електронски или по пошта, со цел да гласа.
– За нас е важно дијаспората да може да гласа, без разлика дали преку електронско гласање, преку пошта, но да бидат безбедни, транспарентни и сигурни форми, во согласност со меѓународните стандарди. Нашата дијаспора не е само за дознаки и помош на роднините. На неа не може да се сеќаваме само кога испраќа пари, таа е неразделив дел од нашето општество и секако мора да има можност да биде дел и од политичкото одлучување. Ова ѝ го должиме. Затоа сметаме дека блокадата на опозицијата со илјадници амандмани не му служат на овој процес. Граѓаните очекуваат решенија, а не пречки и блокади – рече Беким Ќоку, координатор на пратеничката група на Вреди.



