По смртта на градоначалникот на Брвеница, Владата отвори постапка за нови избори
Владата донесе Одлука за престанок на мандатот на градоначалникот на Општина Брвеница, со што се создаваат законските предуслови за спроведување на постапката за избор на нов градоначалник.
Препорачано
Портпаролката на Владата Марија Митева информираше на денешната владина седница дека била разгледана и усвоена информацијата доставена од Министерството за локална самоуправа, откако претходно било добиено известување од претседателот на Советот на Општина Брвеница за настапување законски основ за предвремен престанок на мандатот.
Министерството за локална самоуправа ја започнало постапката согласно законските обврски, поради околност што, според Законот за локалната самоуправа, доведува до престанок на мандатот по сила на закон.
Митева потсети дека Министерството е должно во рок од 15 дена од приемот на известувањето да ја информира Владата, која потоа во рок од 30 дена ја започнува постапката за распишување нови избори за градоначалник.
„Владата ја усвои информацијата и донесе Одлука за престанок на мандатот на градоначалникот на Општина Брвеница, со што се создаваат законските предуслови за спроведување на понатамошната постапка согласно важечките прописи и рокови“, изјави Митева.
Пред две недели, на 58-годишна возраст ненадејно почина градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски.


