Фото: Peter Davey / Alamy / Profimedia

Просечен жител на Македонија лани направил 417 килограми ѓубре — речиси цело завршило на депониите

Секој жител на Македонија лани во 2025 година во просек направил 417 килограми ѓубре, а тоа речиси целосно завршило на депониите — 99,8 отсто. Количината е за околу 20 килограми, односно за околу пет отсто помала од претходната, 2024 годинана. Иако количината отпад по жител е пониска од европскиот просек, стапката на рециклирање останува една од најниските во Европа, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Вкупно во државата биле создадени 755.700 тони ѓубре, а на депониите завршиле речиси 640.000 тони комунален отпад. Иако сме направиле помалку ѓубре, комуналните претпријатија собрале повеќе отколку во 2024 година.

Скопјани создаваат и собираат најмногу отпад

Според податоците на ДЗС, вкупното количество собран комунален отпад во 2025 година изнесува 639.668 тони, што претставува зголемување од 0,3 проценти во споредба со претходната година.

„Зголемувањето се должи на зголемениот број населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад“, заклучиле од ДЗСД.

Најголемо количество собран комунален отпад е регистрирано во Скопскиот Регион – 178.953 тони или 28 отсто од вкупно собраниот отпад во државата.

Најмалку отпад се собира во Североисточниот Регион.

Извор: ДЗС

Од вкупното количество собран комунален отпад, 537.341 тон или 84 отсто потекнува од домаќинствата, додека преостанатите 16 отсто се комерцијален отпад создаден од компании, продавници, ресторани и други правни и физички лица. Овие податоци покажуваат дека индивидуалните навики на граѓаните и понатаму имаат најголемо влијание врз системот за управување со отпад.

Хоџа: Инвестиции за општините и управувањето со отпадот

Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, вчера на прес-конференција ја најави „најголемата реформа во управувањето со отпад во државата“, која, како што рече, ќе овозможи современ регионален систем и затворање на голем дел од дивите депонии.

„Веќе е обезбедена најважната опрема за општините – механизација и комунална опрема. Паралелно се подготвува документацијата за јавните повици за изградба на регионалните центри во Русино и во Новаци, додека центарот во Свети Николе е во завршна фаза и се очекува наскоро да започне неговата изградба. Исто така, се подготвува и документацијата за набавките поврзани со претоварните станици“, изјави Хоџа.

Хоџа истакна дека една од најважните мерки за намалување на загадувањето на воздухот е новиот Закон за контрола на индустриските емисии.

„Со Законот се воведуваат построги стандарди и поголема одговорност во индустрискиот сектор. Законот ќе стапи во сила во септември 2027 година, а во меѓувреме интензивно работиме како Министерство на создавање услови за негово навремено и ефикасно спроведување“, рече Хоџа.

Тој нагласи дека проектите за регионална депонија и современо управување со отпад се засноваат на европски искуства, каде што депонирањето се користи само како последна опција по селекцијата и рециклирањето.

ВИДЕО | Тетовец фрлаше вреќи со отпад во реката Пена — полицијата го најде и го уапси

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот