Жичница - ЈСП - Водно - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Жичница - ЈСП - Водно - Фото Слободен печат - Методи Здравев

На жичницата се правеле само мали интервенции, немало ниеден голем сервис

Ова не значи дека контроли не се правени, напротив правени се. ЈСП „Скопје“ секоја година објавувало јавни повици за фирма која ќе изврши технички преглед на жичницата. Но нема одговор што точно се прегледувало, како се контролирало и дали тоа сериозно се извршувало или само колку да се „запази редот“.

Скопската жичница која 15 години пренесува граѓани од Средно Водно до врвот на Водно, била само тековно одржувана, но не се спроведувале големи сервиси, кои се неопходни за ваков објект, каде безбедноста на граѓаните кои ќе влезат во гондолите треба да е врвен приоритет, без оглед колку пари тоа чини.

Дали проблем за нередовното сервисирање биле финансиските средства или неангажираноста и неодговорноста на менаџментот на ЈСП „Скопје“, претпријатието кое ја стопанисува жичницата, е прашање на кое засега нема одговор.

Летово нема возење со жичница на Водно – постои ризик да се откачи гондола

Но, како што изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, за првпат откако е изградена жичницата, на инсистирање на градоначалникот, е повикан експертски тим од компанијата – изведувач, австриската „Допелмаер“. Тие констатирале дека состојбата на жичницата е катастрофална и дека дури постои опасност да се откачи некоја гондола.

Ова не значи дека контроли не се правени, напротив правени се. ЈСП „Скопје“ секоја година објавувало јавни повици за фирма која ќе изврши технички преглед на жичницата.

Што точно се прегледувало, како се контролирало и дали тоа сериозно се извршувало или само колку да се „запази редот“? Како е можно досега да не се открие колку е небезбедна жичницата – се прашања на кои јавноста очекува одговори, зашто со секој изминат ден откако работел објектот животите на стотици граѓани биле изложени на ризик.

И од Град Скопје потврдуваат дека биле правени само мали интервенции на објектот.

– При увидот се констатирани сериозни недостатоци, предизвикани од тоа што со години не биле спроведувани неопходните големи сервиси и редовно одржување. Не станува збор за мали или тековни интервенции, туку за сериозен и обемен сервис кој очигледно бил занемаруван подолг временски период. Во однос на евентуална одговорност, како и сите случаи, за секој оној што направил неправилности – потребно е истражните органи да го испитаат случајот и да постапат согласно Законот – велат од Градот.

Затоа, наместо да молчат и да не одговараат, ЈСП „Скопје“ и Друштвото за технички испитувања, сертификација и технички прегледи „ТЦИ ЕуроЦерт“ ДОО Скопје, кое последните три години било ангажирано со договор од ЈСП да ги прави техничките проверки, мора да им објаснат на граѓаните за состојбата која ја утврдија Австријците.

Летово нема возење со жичница на Водно – постои ризик да се откачи гондола

Од ЈСП дури досега не ги ни известија официјално и транспарентно граѓаните дека жичницата нема да работи во догледно време и дека до врв на Водно може да се оди само пешки.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, деновиве информираше дека во координација со директорот на ЈСП, Саше Илиески, веќе побарале понуда со цел да се утврди колку ќе чини целосната дефектажа и враќање на жичницата во безбедна и функционална состојба.

– Приоритет на Градот Скопје и на ЈСП е пред сè безбедноста на граѓаните. Нашата цел е да обезбедиме услови во кои секое дете и секој граѓанин ќе може сигурно и без ризик да ја користи жичницата. На Скопје не смее да му се случи трагедија поради неодговорност, негрижа или непреземени активности во изминатите години – тврдат од Град Скопје.

Жичницата „Милениумски крст“, беше пуштена во употреба во јуни 2011 година, има 30 кабини или гондоли, се движи на растојание од 1,6 километри и има капацитет да пренесе 1.200 патници на час. Значи во текот на изминатите 15 години со жичницата до врвот на Водно се превезле неколку милиони граѓани, кои верувале дека таа редовно се одржува и е безбедна за нив и за нивните деца.

Како што е познато, досега секој последен вторник во месецот жичницата не работеше поради технички преглед, а секој понеделник вообичаено беше приземјена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот