Проектил погоди танкер за нафта во Ормускиот Теснец, Иран под сомнение
Танкер што пловел покрај брегот на Оман, во Ормускиот Теснец, се запалил рано утринава откако бил погоден од проектил, објави „Политико“.
Препорачано
Нападот е последниот во низата инциденти насочени кон бродови што минуваат низ тесниот премин на Персискиот Залив, преку кој во услови на мир се транспортираше околу една петтина од светската трговија со нафта и со природен гас.
Веднаш по нападот сомнежите паднаа врз Иран, кој и претходно беше осомничен за напади врз бродови што пловат по коридор блиску до брегот на Оман, и покрај предупредувањата од Техеран дека само тој пловен пат е безбеден за пловидба низ теснецот.
Соединетите Американски Држави сакаат да ги продолжат преговорите со Иран со цел целосно повторно отворање на Ормускиот Теснец, ограничување на спорната нуклеарна програма на Техеран и трајно завршување на војната што започна на 28 февруари.
Но, претходните напади во теснецот предизвикаа одмазднички американски напади, по што Иран нападна арапски држави во Заливот, зголемувајќи го ризикот од поширока ескалација.
Во меѓувреме, разговорите меѓу Иран и САД се чини дека се ставени во мирување до погребот на починатиот врховен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен на почетокот на војната.
Во последните денови се појавуваат сè повеќе информации дека присутните на неговиот погреб извикувале пароли со повици за смрт на американскиот претседател Доналд Трамп.
Телото на Хамнеи во текот на ноќта било пренесено во светиот шиитски град Ком, каде што денес ќе му биде оддадена почит.
САД го нападна Иран — оттаму најавија дека ќе одговорат „брзо и решително“
Танкер погоден во најнов напад во теснецот
Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКМТО) соопшти дека танкерот бил погоден во близина на пристаништето Лима во Оман.
Според УКМТО, проектилот ја погодил левата страна на бродот додека тој се движел кон југ, излегувајќи од теснецот кон Оманскиот Залив.
Во нападот не дошло до загадување на животната средина, а надлежните служби спроведуваат истрага.
Заедничката команда на вооружените сили на Иран минатиот четврток предупреди дека сите танкери што пловат низ Ормускиот Теснец мора да ги користат коридорите одобрени од иранските власти.
„Секое непочитување, отстапување од одредената маршрута или игнорирање на навигациските правила на Исламската Република Иран во Ормускиот Теснец ќе биде проследено со непосреден и силен одговор од вооружените сили, со што ќе биде загрозена безбедноста на бродовите што ќе ги прекршат правилата“, се наведува во соопштението на Иран.
Во него се додава дека секое мешање на американските сили во теснецот „ќе наиде на брза и решителна реакција“.
Иран и САД, како дел од привремен договор, се согласија бродовите да можат да минуваат низ теснецот без плаќање такси во период од 60 дена.
Сепак, Техеран инсистира дека мора да ги контролира маршрутите по кои пловат бродовите и подоцна да воведе наплата за премин, што претставува отстапување од децениската практика во овој важен поморски премин.


