Кина истрела ракета во Тихиот Океан, Америка изрази „сериозна загриженост“
САД вчера изразија „сериозна загриженост“ поради нуклеарната програма на Кина, откако Пекинг тестираше балистичка ракета лансирана од подморница во Тихиот Океан, пренесува „Ал џезира“.
Препорачано
Кина наведе дека тестирањето било „редовна активност“ во рамки на годишната воена обука и дека не било насочено кон конкретна цел.
Американскиот Стејт департмент ја повика Кина да „учествува во суштински разговори за контрола на оружјето и да се заложи за редовно известување за сите лансирања на интерконтинентални балистички ракети и вселенски летала“.
Австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг, потврди дека Кина ја известила владата за плановите да изврши тестирање на ракета од море кон Тихиот Океан, но оцени дека потегот е „дестабилизирачки“ за регионот.
„Австралија јасно стави до знаење дека ова планирано тестирање се случува во контекст на брзото воено зајакнување на Кина, кое е проследено со недоволна транспарентност и уверување за намерите, што регионот ги очекува“, изјави Вонг пред новинарите на прес-конференција во главниот град на Фиџи, Сува.
Владата на Јапонија соопшти дека била известена за лансирањето на ракетата и дека побарала од Кина да го преиспита потегот.
„Изразивме сериозна загриженост поради зголемените активности на кинеската војска“, соопшти јапонската влада, додавајќи дека јапонската крајбрежна стража во неделата била известена од кинеските власти за вселенски отпад што би можел да падне во ексклузивната економска зона на Јапонија.
Владата на Нов Зеланд соопшти дека била информирана за планираното лансирање неколку часа пред тоа да се случи.
„Нов Зеланд го смета ова за непосакуван и загрижувачки развој. Ние, како и нашите соседи во другите пацифички земји, немаме интерес Кина да го користи јужниот дел на Тихиот Океан како полигон за тестирање на ракетни способности“, изјави министерот за надворешни работи Винстон Питерс во соопштение.
Кина ѝ помага на Русија да произведува хиперсонични нуклеарни ракети


