Протести против „Иловица“, фото: „Здрава котлина“

„Рокот е истечен“ — еколошки организации бараат Владата да ги поништи концесиите за рудникот „Иловица“

„Членот 54 од Законот за минерални суровини е јасен. Рокот за дозвола за експлоатација е четири години за металични суровини. Концесијата е од 2012, а рокот истекол во 2016. На 21 јули 2016, последниот законски ден, „Еуромакс“ поднеле барање за дозвола. Ова не се наши тврдења. Ова се нивни документи и вашите документи“.

Ова стои во соопштението на група еколошки организации и иницијативи, кои испратија заедничко барање до Владата за да ги поништи концесиите за рудникот „Иловица – Штука“.

„Ние, еколошки организации од Југоисточниот регион и пошироко, на состанок одржан во Струмица на 27.06.2026, усвоивме еден, единствен заеднички став: Во разумен рок, на седница на која ќе се решава за состојбата со концесиите за рудникот Иловица – Штука на псевдорударскиот концесионер ‘Еуромакс Ресурси’, Владата да постапи согласно силно изразениот став на суверениот народ против рудникот на смртта, манифестиран во различни форми во тек на 10 години, преку здруженијата: Владата МОРА да ги поништи концесиите за рудникот и конечно да го ослободи општеството од долгогодишната опасна тензија. Нагласуваме: ДА ГИ ПОНИШТИ, не да ги враќа на повторна постапка“, стои во заедничкиот став на здруженијата.

Тие сметаат дека Владата ги има сите правни основи, механизми и јавната поддршка за тоа.

Според екологистите, никакво друго решение не е прифатливо, а за проектот „Иловица-Штука“ велат дека ја згрозува не само Струмичката Котлина, туку и целата држава.

„Во спротивно, во догледен рок, ќе повикаме на сеопшт, сееколошки и сеграѓански отпор генерално против рудниците на смртта и другите облици на загрозување на природата, околината и здравјето. Ние немаме никакви други амбиции освен сопирање на погубниот проект. Ги повикуваме сите еколошки здруженија во државата и други граѓански организации, Македонскиот народ и граѓаните на нашата Македонија надполитички и надпартиски да се солидаризираат со заедничкото БАРАЊЕ. Кон Владата апелираме за здрав разум и конечна одлука во полза на јавниот интерес и иднината на нашата држава и поколенијата по нас“, се вели во соопштението.

Потписници на заедничкото барање се „Еко-долина“ и „Ја штитам Беласица“ од Ново Село, „Здрава котлина“ и „Спас за Струмичка Котлина“ од Струмица, „Зелена народна стража“ од Скопје, „Спас за Гевгелија“ и „Чејнџмејкерс фор ал“ од Гевгелија и „Спас за Прилеп“ од Прилеп.

Инаку, Вишиот управен суд ја поништи одлуката за престанок на концесијата за „Иловица“, а од Владата рекоа дека „станува збор за конечна судска одлука која сме должни да ја почитуваме“. Воедно, меѓу другото, од Владата рекоа ова е „наследена правна состојба“ и дека „економскиот раст, новите инвестиции и отворањето работни места остануваат приоритет, но тоа нема да биде на штета на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина“.

По ова, „Здрава котлина“ порача дека „рудник нема да има“ и најави отпор од локалното население.

„Рудник нема да има, подготвени сме за масовен отпор“ — „Здрава котлина“ влезе во нова јавна војна со Владата за „Иловица“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот