Фото: МЗТ Скопје

МЗТ Скопје по повеќе од две децении се враќа во Еврокупот

Македонскиот шампион МЗТ Скопје и официјално ќе биде дел од групната фаза во ФИБА Еврокупот следната сезона, со што клубот по повеќе од 25 години повторно ќе настапува во едно европско клупско натпреварување.

За аеродромци ова ќе биде враќање на европската сцена, откако последниот настап го имаа во сезоната 2000/01 во Купот Кораќ. Тогаш МЗТ го заврши настапот во второто коло, елиминиран од Војводина по два порази. Во меѓувреме клубот беше дел од Еврокупот на УЛЕБ во сезоните 2013/14 и 2016/17, а редовно настапуваше и во регионалните натпреварувања АБА и АБА2.

Предводени од тренерот Васко Атанасов, „металците“ ги очекува исклучително напорна сезона, бидејќи покрај настапите во ФИБА Еврокупот ќе се натпреваруваат и во АБА2 лигата, како и во домашното првенство.

Новата сезона во ФИБА Еврокупот ќе се игра според проширен формат со 48 екипи поделени во осум групи од по шест клуба. Тоа значи дека секој тим ќе одигра по десет натпревари во групната фаза.

МЗТ Скопје е меѓу 24-те екипи кои обезбедија директно место во групната фаза. На нив ќе им се приклучат уште 21 клуб што нема да успее да се пласира во групната рунда од квалификациите за ФИБА Лигата на шампионите, додека преостанатите три места ќе бидат пополнети преку квалификациите за ФИБА Еврокупот.

Ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 16 јули во Минхен, кога МЗТ Скопје ќе ги дознае своите противници за новата европска сезона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот