Фото: Инстаграм/Нара Смит

ВИДЕО | Нара Смит откри дека нејзината двегодишна ќерка е во ремисија: „Конечно можев да проговорам“

Инфлуенсерката Нара Смит сподели нови информации за здравствената состојба на својата двегодишна ќерка Вимзи, откривајќи дека девојчето сега е во ремисија по повеќемесечна борба со рак.

Дваесет и четиригодишната Нара, која неодамна објави дека нејзината ќерка била дијагностицирана со рак кон крајот на минатата година, на Инстаграм се осврна на изминатите осум месеци од животот на нејзиното семејство. Во видеото, кое трае речиси две минути, таа им се заблагодари на следбениците за пораките, молитвите и поддршката.

„Само сакав да ви кажам благодарам за сите ваши убави пораки, молитви и поддршка. Тоа навистина ни значеше многу. Лаки и јас поминувавме низ ова и се обидувавме да го прифатиме изминатите осум месеци. Долго размислувавме дали воопшто да споделиме толку приватен дел од нашиот живот“, рече таа.

Фото: Инстаграм/Нара Смит

Нара објасни дека чекале Вимзи да го заврши лекувањето пред јавно да проговорат за нејзината дијагноза.

„Сакавме да почекаме додека не заврши со третманите и додека не дознаеме каков ќе биде исходот, пред да зборуваме за тоа. Сега, кога конечно е во ремисија, почувствував дека можам да ги пронајдам вистинските зборови.“

Нара и нејзиниот сопруг, манекенот Лаки Блу Смит, имаат четири деца. Таа истакна дека решила јавно да ја сподели нивната приказна за да укаже низ што минуваат многу семејства далеку од очите на јавноста.

„Целта ми беше да покажам низ што поминуваат многу семејства во тишина. Хемотерапијата ми ги отвори очите за тоа колку е скапа медицинската нега и колкав товар претставува за семејствата.“

Таа додаде дека во моментов истражува добротворни организации и фондации кои им помагаат на семејствата со деца заболени од рак, а во меѓувреме ќе споделува линкови до иницијативи што можат да им помогнат.

Фото: Инстаграм/Нара Смит

Нара призна дека таа и Лаки се обидуваат постепено да се вратат на секојдневниот живот, но не е сигурна дали некогаш повторно ќе се чувствуваат како порано.

„Се обидуваме да се вратиме на секојдневието и одиме ден по ден. Не знам дали животот некогаш повторно ќе се чувствува нормално, но се трудиме најдобро што можеме да се снајдеме во ова ново поглавје. Ви благодарам на сите за добрината.“

На крајот од видеото таа им испрати порака на охрабрување до семејствата кои сè уште се борат со оваа болест.

Во описот на објавата Нара постави линк до страница на „Гоу фанд ми“ и посочи неколку семејства на кои може да им се донира.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nara Smith (@naraaziza)

Инфлуенсерката првпат јавно проговори за дијагнозата на Вимзи на 1 јули, преку видео на Инстаграм. Таа откри дека со сопругот дознале за болеста кон крајот на минатата година, но не наведе за кој вид рак станува збор.

„Кога забележавме нешто сомнително кај неа, ја однесовме на Ургентен центар, но таму не беа сигурни за што станува збор. Потоа ја однесовме кај педијатарот. Се сеќавам дека одеднаш стана многу тивок и смирен… Во тој момент срцето ми потона. Не знам дали тоа беше мајчинска интуиција, но првата мисла ми беше дека има рак“, раскажа Нара.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nara Smith (@naraaziza)


По препорака на педијатарот, Лаки ја однел Вимзи во најблиската детска болница. По низа рендгенски снимки, ултразвуци и биопсија, лекарите им соопштиле дека девојчето има рак, дека болеста се проширила и дека мора веднаш да започне со хемотерапија.

Освен Вимзи, Нара и Лаки имаат уште три деца – петгодишната Рамбл Хани, четиригодишниот Слим Изи и ќерката Фони Голден, родена во септември 2025 година. Лаки е татко и на ќерката Гравити, која ја има од претходната врска со манекенката Сторми Бри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот