Пумпи за вода во корито за отпадни води во селото Вруток / фото: МВР

Се јави градоначалникот на Гостивар Лимани, вели дека нема доказ оти водата отрула 1.200 луѓе

Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, преку објава на социјалните мрежи се огласи околу масовното труење во Гостивар, каде во изминатите неколку дена повеќе од 1.200 луѓе побарале помош од лекар поради стомачна инфекција со интензивни симптоми. Според институциите, постои сомнеж дека труењето се случило откако пумпи за водоводот биле поставени да извлекуваат отпадни води од реката Вардар.

Лимани вели дека засега нема доказ оти извор на труењето била водата од градскиот водовод.

„Во ваква ситуација, моја прва обврска е да ви ја соопштам состојбата точно, навремено и без прикривање на каква било информација.
Според редовните анализи што ги спроведува ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци покажуваат дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности. По добиената пријава, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции извршија дополнителен увид и земаа нови примероци за лабораториско испитување. До објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, воведена е привремена забрана за користење на водата за пиење и за подготовка на храна. Апелирам оваа мерка целосно да се почитува. Таа е превентивна и е донесена заради заштита на здравјето на граѓаните“, пишува Лимани во објавата.

„Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП „Комуналец“ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, сите наводи се предмет на проверка и конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции. Во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод. Причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи. Општината е во постојан контакт со сите надлежни институции и целосно соработува во постапката. Веднаш штом бидат достапни официјалните резултати, тие ќе бидат јавно објавени, целосно и транспарентно“, пишува градоначалникот.

„Ги повикувам граѓаните да останат смирени, да ја почитуваат привремената забрана и да се информираат од официјални извори. Во вакви моменти, одговорноста на институциите е да ги утврдат фактите, а одговорноста на сите нас е да не шириме непроверени информации. Здравјето на граѓаните е најважно и секоја одлука ќе се носи исклучиво во согласност со официјалните стручни наоди“, додава тој.

ВИДЕО | Водата во Гостивар е кафена, експертите велат дека е направено свесно кривично дело

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот