Фото: Pexels

Младите Англичани под 16 години нема да можат да купуваат енергетски пијалаци

Во Англија од април следната година ќе биде забранета продажбата на енергетски пијалаци со висока содржина на кофеин на деца помлади од 16 години, соопштија британските власти, а пренесе Би-би-си.

Според новите правила, продавниците, рестораните, кафулињата, автоматите за продажба и интернет-платформите нема да смеат да продаваат пијалаци што содржат повеќе од 150 милиграми кофеин на литар на деца и тинејџери под 16-годишна возраст.

Забраната не ги опфаќа безалкохолните пијалаци со пониска содржина на кофеин, како што е диеталната „Кока-кола“, ниту чајот и кафето. Над утврдениот праг, пак, се наоѓаат пијалаци како „Ред бул“, „Монстер“, „Рилентлес“ и „Прајм“.

Британските власти наведуваат дека целта на мерката е да се намали дебелината кај децата и да се спречат проблеми како нарушувања на сонот, зголемена анксиозност, намалена концентрација и послаби училишни резултати.

Минимална возраст од 18 години за купување енергетски пијалаци веќе е воведена во Литванија, Летонија, Полска, Романија, Бугарија и во Унгарија, додека во Норвешка границата е 16 години. Во Австрија прашањето сè уште е предмет на јавна дебата, и покрај тоа што не постои законска забрана.

Австриската организација за заштита на потрошувачите „Фудвоч“ (Foodwatch) неодамна спроведе тест при кој деца успеале да купат енергетски пијалаци во ресторан на синџирот „Мекдоналдс“.

Од април годинава во австриските ресторани на синџирот се продава пијалакот „Тропикал енерџи рефрешер“. Организацијата испратила деца на возраст од осум, 11 и 14 години во повеќе ресторани во Виена и во околината, каде што без никаква проверка на возраста им бил продаден пијалакот.

На интернет-страницата на компанијата е наведено дека пијалакот содржи 31 милиграм кофеин на 100 милилитри и дека не се препорачува за деца и за бремени жени.

Според пресметките на „Фудвоч“, една стандардна чаша од овој пијалак содржи околу 93 милиграми кофеин, односно повеќе отколку лименка од 250 милилитри „Ред бул“.

Енергетските пијалаци се сметаат за потенцијален предизвикувач на карцином: Што ги прави толку ризични?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот