Енергетските пијалаци се сметаат за потенцијален предизвикувач на карцином: Што ги прави толку ризични?
Енергетските пијалаци често се претставуваат како брзо решение за замор и намалена концентрација, и затоа се особено популарни меѓу младите, спортистите, рекреативците и таканаречените „викенд воини“, луѓе кои тренираат само за време на викендите. Според експертите, гејмерите денес се нова категорија што масовно консумира вакви пијалаци, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Што содржат енергетските пијалаци?
Повеќето содржат комбинација од три познати стимуланси:
- Кофеин – природно присутен во кафето, чајот и какаото
- Гуарана – амазонска билка богата со кофеин
- Таурин – природна амино киселина што се наоѓа во школки, мисирка и пилешко месо
Тауринот посебно предизвикува загриженост. Иако му се припишуваат здравствени придобивки и подобрување на перформансите, нови истражувања отвораат прашања за неговото делување врз организмот и кога тоа може да направи повеќе штета отколку корист.
Таурин и ризикот од леукемија
Во мај 2025 година, истражување објавено во списанието Nature предизвика силни реакции во јавноста. Утврдено е дека тауринот може да ја забрза прогресијата на леукемијата, карцином на крвта што започнува во коскената срцевина. Според студијата, здравите клетки природно произведуваат таурин, но клетките на леукемијата не можат. Сепак, тие можат да го апсорбираат тауринот од околината и да го користат како „гориво“ за раст и размножување.
Кај лабораториски глувци и човечки примероци, тауринот во микрооколината на туморот го забрзал развојот на леукемијата. Кога истражувачите генетски ги блокирале овие клетки да внесуваат таурин, прогресијата на болеста значително се успорила.
Авторите на студијата предупредуваат дека суплементите со таурин потенцијално можат да ги влошат исходите кај лица со леукемија и сугерираат дека таргетирано блокирање на внесот на таурин во клетките на рак може да претставува нова стратегија за лекување.
Таурин – пријател или непријател на телото?
Тауринот е една од најзастапените слободни аминокиселини во човечкото тело, особено концентрирана во срцето, мускулите и мозокот. Кај здрави луѓе, таурин се внесува преку исхраната и се синтетизира во телото од метионин и цистеин, ако има доволно витамин Б6 (присутен во лосос, туна, пилешко, банани и млеко).
Луѓето што се хранат по западен режим дневно внесуваат 40 до 400 мг таурин преку храна. Ова не го вклучува дополнителниот таурин што телото самостојно го создава, што варира во зависност од возраст, исхрана и здравствена состојба.
Иако тауринот е наведен како безбеден во базата на податоци на FDA (GRAS), а EFSA дозволува внес до 6 грама дневно, тоа не значи дека е сосема безопасен. Суплементирањето може да биде корисно во специфични здравствени состојби – на пример, кај лица на вештачка исхрана или со нарушена функција на црн дроб, бубрези или срце.
Иронијата е што некои студии покажуваат дека тауринот може да помогне при несакани ефекти од хемотерапија кај пациенти со леукемија – токму додека други истражувања укажуваат дека може и да ја влоши болеста. Тоа покажува дека контекстот е клучен: ефектите од тауринот зависат не само од дозата, туку и од здравствената состојба на организмот.
Што го прави тауринот во енергетските пијалаци ризичен?
Внесувањето таурин преку медицински суплементи и контролирани дози е сосема поинакво од консумирањето големи количини преку енергетски пијалаци. Овие пијалаци често комбинираат таурин со големи дози кофеин и шеќер – комбинација што може да го оптовари срцето, да го наруши спиењето и да го зголеми ризикот од несакани ефекти, особено кај лица со постоечки здравствени проблеми или оние што земаат други стимуланси.


