Париз и Берлин бараат поголема воена независност на Европа
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ветија дека ќе ја продлабочат одбранбената соработка и ќе се спротивстават на зголемената економска конкуренција од Кина, која, според нив, врши значителен притисок врз Европа преку пренатрупаност на пазарот и вештачко намалување на вредноста на јуанот, пренесува Еуроактив.
Препорачано
Набргу откако пропадна нивниот заеднички проект вреден 100 милијарди евра за развој на нов борбен авион, двете земји сега се обидуваат да ги обноват нарушените односи на стратешко ниво.
„Оваа досега невидена билатерална соработка ќе придонесе за зајакнувањето на одбраната во Европа“, се наведува во договорот денеска потпишан во Брил, Германија.
Според документот, партнерството ќе биде насочено кон „интеграција на конвенционалните способности, способности за прецизни удари на голема далечина и способности за противракетна одбрана со нуклеарното одвраќање“.
„Ние правиме што е потребно за да ја заштитиме нашата слобода, нашата безбедност и нашата заедничка одбрана“, посочи Мерц.
Двајцата лидери потврдија и дека Германија подоцна годинава ќе учествува во француска нуклеарна воена вежба.
„Ова ќе биде првпат да учествуваме во ваква вежба во конвенционален капацитет. Целта е да утврдиме каде можеме да постигнеме заеднички цели, односно подобро (воено) одвраќање во Европа“, рече Мерц.
Германското учество најверојатно ќе подразбира германски претставници да се приклучат на француски авион-цистерна како набљудувачи на вежбата „Покер“ – квартална обука што ја спроведуваат Француските воздухопловни и вселенски сили за одржување на нивниот воздушен капацитет за нуклеарно одвраќање. Во вежбата учествуваат борбени авиони „Рафал“, кои носат нуклеарни крстосувачки ракети АСМПА.
Сепак, францускиот претседател Макрон нагласи дека не се предвидува финансиски придонес од германска страна.
Двајцата лидери ја критикуваа Кина, велејќи дека Пекинг не ги почитува правилата на меѓународната трговија затоа што ѝ обезбедува на својата индустрија најмалку осум пати поголема државна поддршка од другите земји од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
„Ниту во дипломатијата ниту во економијата не сме на никаков начин против Кина, но ја гледаме ситуацијата трезвено и јасно“, нагласи Макрон, додавајќи дека трговскиот дефицит на Европа со Кина изнесува една милијарда евра дневно.
Во март, Макрон ги повика европските партнери да учествуваат во заеднички нуклеарни вежби и понуди проширување на францускиот нуклеарен чадор врз Европа.
Париз и Берлин сега формираа управувачка група што ќе разгледува како оваа француска понуда би можела да се спроведе во практика.
Комплицирани односи во одбранбената индустрија
Засенети од неуспешниот обид за развој на заеднички борбен авион, како и од сличните проблеми со нивниот заеднички тенковски проект, двете страни беа претпазливи кога станува збор за најавување нови програми во одбранбената индустрија.
Наместо тоа, акцентот беше ставен на стратешката соработка.
И покрај проблемите, програмите за заедничкиот борбен авион и тенк ќе продолжат со развој на заедничка дигитална комуникациска платформа, со цел да се обезбеди интероперабилност на бојното поле.
Француската загриженост поради силниот германски ангажман во вселенскиот сектор, најверојатно, ќе биде разгледана наскоро, бидејќи двајцата лидери се согласија во септември да одржат самит посветен на вселената.
Берлин и Париз, исто така, одлучија да ја координираат политиката за сателитските фреквенции и за европската безбедна сателитска комуникациска констелација.
Макрон и Мерц согласни дека нема алтернатива за единството на ЕУ


