ФОТО | Уметник му оддаде почит на своето починато куче со скулптура направена од дрво што заедно го собирале
Малку нешта ги радуваат кучињата повеќе од пронаоѓање добро парче дрво за игра. Такво било и кучето Хачико, кое со години го придружувало својот сопственик, тајванскиот уметник Лијанг Ренчуан, во собирањето наносно дрво на плажа за изработка на скулптури, пишува „Модерн мет“.
Препорачано
По 14 години заеднички живот, Хачико ненадејно угинал. Скршен од загубата, Ренчуан решил да му оддаде почит на својот верен пријател преку уметноста што ги поврзувала.
„Вчера имав лошо претчувство. Брзо направивме заедничка фотографија. Денес првиот североисточен монсун оваа година те однесе кон небото. Без грижи и без болка – сигурно си среќен. Не заборавај да ме посетиш кога ќе имаш време“, напиша уметникот на Инстаграм.

Во обид да најде утеха, тој изработил впечатлива скулптура на Хачико од наносно дрво што со години заедно го собирале покрај морето.
„Порано заедно одевме на плажа да собираме дрво. Сега единствено што можам е преку тоа дрво повторно да те вратам кај мене“, напиша Ренчуан покрај фотографиите од делото.

Скулптурата ја обоил во истите нијанси како крзното на Хачико, а околу вратот го поставил и неговото ремче.
Приказната е уште потрогателна ако се знае дека Хачико бил дел од животот на уметникот во еден од неговите најтешки периоди.
Ренчуан го сретнал кучето за време на погребот на својот татко.
„Тој стана дел од моето семејство“, раскажал уметникот, потсетувајќи се на денот кога го забележал кучето пред погребалниот дом.

Хачико му помогнал да се справи со болката по загубата на татко му, а токму затоа сакал да му подари и последен споменик.
„Сакам да му порачам: Оди и уживај. Мојот татко ќе биде со тебе на небото“, вели Ренчуан.


