Македонските тенисери се изборија за промоција во Втората светска група
Со денешната победа над Црна Гора од 2:1 во молдавскиот град Кињишев, најдобрата македонска тениска репрезентација се избори за враќање во Втората светска група од Дејвис купот, каде ќе настапува во 2027 година.
Препорачано
Решавачкиот поен нашите тенисери го освоија во играта на двојки каде Калин Ивановски и Олег Приходко ги победија Петар Јовановиќ и Алекса Кривокапиќ со 2:0 во сетови 7:6 (4), 6:2.
Во првиот сет немаше ниту еден брејк, а во тај брејкот македонскиот дубл направи „мини брејк“ за 3:1 на поени и со тоа ја имаше предноста во 13 гем и го доби со 7:4 на поени. Во вториот сет веднаш на стартот Македонија во вториот гем Ивановски и Приходко направија брејк и потоа во осмиот гем од сетот со уште еден брејк ставија точка на успешниот настап во Молдавија.
Претходно во првиот сингл меч Ивановски го победи Срѓан Кнежевиќ со 6:2 и 6:4), додека Приходко загуби од Петар Јовановиќ со 6:4 и 7:5.
Ова беше седми меѓусебен дуел меѓу Македонија и Црна Гора и сега учинокот е 4:3 за нашата селекција.
Во дуелот за првото место денеска Молдавија ја победи Летонија со 2:0, во мечевите за пласман Грузија го совлада Азербејџан (2:0), а Република Ирска беше поуспешна од Косово (2:0).
Пласман во Втората светска група изборија Молдавија, Летонија и Македонија, опстанок во Третата европска група обезбедија Црна Гора, Грузија и Република Ирска, додека Косово и Азербејџан испаѓаат и се селат во Четвртата европска група.


