Луѓе се шетаат низ Скопје / Фото: Pexels

За првпат земја од Балканот е во топ 5 најбезбедни земји во светот, еве каде е Македонија на листата

Македонија се најде на 46. место на најновата листа на Глобалниот индекс на мирот, додека Словенија испиша историја како прва балканска земја што се пласирала меѓу петте најбезбедни држави во светот.

Извештајот на Институтот за економија и мир покажува дека глобалната безбедност се влошува веќе 12 години по ред. Во текот на изминатата година состојбата во однос на мирот се влошила во 99 земји, што е најголем број досега. Сепак, некои држави успеваат да му одолеат на овој тренд, меѓу нив и Словенија, која за првпат се најде на четвртото место меѓу најмирните земји во светот.

Глобалниот индекс на мирот ја оценува состојбата во 163 земји врз основа на 23 квалитативни и квантитативни показатели, од воени трошоци и актуелни конфликти до стапката на убиства и чувството на безбедност, пренесува Би-би-си.

Каде е Македонија на листата?

Според индексот, Македонија е рангирана на 46. место во светот и се наоѓа во групата земји означени со зелена боја, што укажува на понизок безбедносен ризик.

Од земјите од поранешна Југославија, најдобро пласирана е Словенија на четвртото место, по што следуваат Хрватска на 23-тото и Црна Гора на 30-тото место. Северна Македонија е 46-та, пред Босна и Херцеговина која е на 48-мото место и Србија која се наоѓа дури на 70-тата позиција.

Од останатите соседи, Унгарија е рангирана на 15-тото место, Бугарија на 26-тото, Албанија на 36-тото, а Романија на 45-тото место.

На мапата на Глобалниот индекс на мирот, Србија е означена со жолта боја, додека сите останати земји од регионот се во зелената зона, што значи дека се оценети како помалку ризични.

„Светот станува буре барут“

Во годинашното, 20. издание на индексот, невладината организација Институт за економија и мир (ИЕП), која го објавува извештајот, предупредува дека „светот сè повеќе станува буре барут“, а вооружените конфликти имаат голем удел во тоа.

Денес има повеќе конфликти отколку во кој било период од Втората светска војна наваму, а бројот на земји вклучени во надворешни конфликти речиси е двојно зголемен во споредба со 2008 година. Бројот на загинати во конфликтите и понатаму е исклучително висок, додека воените трошоци растат десетта година по ред.

Извештајот ги истакнува и економските последици од конфликтите, опишувајќи ги како сè повеќе поврзани и потешки за решавање. Се споменуваат и брзите технолошки промени во војувањето, кои често ги заобиколуваат меѓународното право и дипломатијата.

Исланд повторно на врвот, Словенија првпат меѓу најдобрите

Земјите се рангирани од најмирни до најмалку мирни, при што државите на врвот на листата најчесто се одликуваат со ниско ниво на насилство, функционални институции, високо ниво на општествена доверба, добри односи со соседите и висок квалитет на живот.

„Иако сме сведоци на овој катастрофален пад, тој всушност не ги погоди земјите на врвот на листата“, изјави основачот и директор на ИЕП, Стив Килилија.

Исланд е на првото место по 19-ти пат по ред, со благо подобрување на резултатите во однос на претходната година благодарение на значителното намалување на насилните протести. Земјата остварува одлични резултати и во областите безбедност, ниво на конфликти и ограничена милитаризација.

Нов Зеланд, кој воедно е и најбезбедна земја во азиско-пацифичкиот регион, напредуваше од третото на второто место. Швајцарија се искачи од петтото на третото место, додека Словенија за првпат се пласираше меѓу првите пет, напредувајќи од шестото на четвртото место.

На петтото место е Ирска, а по неа следуваат Австрија, Португалија, Сингапур, Финска и Јапонија.

Најмалку мирна и најнебезбедна земја според овогодишниот индекс е Русија, а по неа следуваат Судан, Демократска Република Конго, Украина и Израел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот