Јапонски навивачи на трибините за време на натпреварот меѓу Холандија и Јапонија (2:2) од групата Ф на Светското првенство 2026 / Фото: Profimedia

ВИДЕО | Секоја чест за спортската култура — јапонските навивачи ги чистеа трибините по натпреварот со Холандија

Јапонските навивачи повторно воодушевија со својата почит кон околината. Иако имаа многу причини за славје по ремито од 2:2 против Холандија на Светското првенство 2026, тие покажаа дека спортската култура е подеднакво важна како и резултатот на теренот.

По завршувањето на натпреварот на стадионот во Далас, трибините, како и на повеќето големи спортски настани, беа преполни со отпад – празни чаши, пакувања од храна и други остатоци. Наместо веднаш да си заминат, јапонските навивачи останаа на своите места и го собраа ѓубрето пред да го напуштат стадионот.

Ова не е првпат нивниот гест да предизвика восхит во јавноста. Јапонците со години градат репутација на навивачи кои ги оставаат стадионите чисти по натпреварите. Истото го правеа и на Светското првенство во Катар во 2022 година, во Русија во 2018 година, па дури и на Мундијалот во Франција во 1998 година.

Интересно е што тие не го практикуваат ова само кога игра нивната репрезентација. Познато е дека ги чистат трибините и по други спортски и јавни настани што ги посетуваат, без оглед дали нивниот тим учествува или не.

Експертите за јапонската култура често го посочуваат традиционалното начело „Tatsu tori ato wo nigosazu“, што во превод значи: „Замини без да оставиш трага зад себе“. Овој принцип, заедно со воспитувањето од најрана возраст, ги учи Јапонците да го остават секое место во состојба во каква што го затекнале.

На теренот, Јапонија дојде до вреден бод откако двапати се враќаше од негатива. Вирџил ван Дајк ја доведе Холандија во водство, а Кеито Накамура израмни само шест минути подоцна. Крисенсио Самервил повторно им донесе предност на Холанѓаните, но Даичи Камада во финишот на натпреварот ги постави конечните 2:2.

Сепак, и покрај возбудувањата на теренот, токму однесувањето на јапонските навивачи ги освои симпатиите на светската јавност.

ВИДЕО | Здодевно прво и одлично второ полувреме: Холандија и Јапонија ги поделија бодовите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот