Фотографија: Слободен печат/Драган Митрески

Се обидуваш да платиш со двеилјадарка, те гледаат како да ги тепаш

Од Народната банка велат дека во моментов нема планови за повлекување на овој апоен. Оттаму информираат и дека во оптек се наоѓаат 20 милиони парчиња од апоенот од 2.000 денари.

Многумина доживеале непријатно искуство да држат во рака двеилјадарка и со неа ништо да не можат да купат?! Продавачите ги гледаат како непријатели, вртат по касата, вообичаено коментираат „зарем немате поситно“, и на крај честопати велат дека немаат пари да ви вратат, па вие го враќате производот.
Една наша сограѓанка го раскажа своето патешествие со двеилјадарката.

– Имав банкнота од 2.000 денари. Во моментот немав банкарска картичка. Одам во една маалска продавница за да купам нешто ситно, ми вели продавачката дека не може да собере пари за кусур. Ајде, добро, одам во еден голем маркет. И таму ми велат: „Немаме да ви вратиме!“ Вчудовидена прашувам како тоа немаат да ми вратат во толкава продавница, а продавачот ми одговара дека сите сега главно плаќаат со картичка. Морав да одам во потрага на следeн голем маркет и таму прокоментираа „уф двеилјадарка“, ама барем купив што требаше – вели наша читателка.

Граѓаните избегнуваат да одбираат и барање за исплата на 2.000 денари на банкомат. Досетливите стискаат по неколкупати за да ја избегнат двеилјадарката. На пример, одбираат двапати по 1.000 денари.

Разговаравме и со таксистите. Ги прашавме што ако се обидеме да платиме со 2.000 денари.

– Ситните пари ни се постојано проблем. Јас дури некогаш и пред да возам, прашувам дали имаат ситно да ми платат. Ретко кој и ми подава 2.000 денари, но тоа би знаело да биде проблем, особено наутро кога би ми ги собрале сите ситни – вели еден таксист.

Друг дури отиде дотаму што тврди дека некои намерно нудат двеилјадарки за да тие им кажат дека нема да им вратат, па корисниците на таксито да си заминат без да платат.

Од Народната банка во изјава за „Слободен печат“ велат дека во моментов нема планови за повлекување на овој апоен. Оттаму информираат и дека во оптек се наоѓаат 20 милиони парчиња од апоенот од 2000 денари.

Порано во оптек имаше и банкнота од 5.000 денари. Таа се повлече, а истовремено во декември 2016 се воведе банкнотата од 2.000 денари. Тогаш се воведе и банкнота од 200 денари.

„Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постојни фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации“, соопштија тогаш од НБРМ.

Во соопштението беше наведено и дека книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари не биле прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, односно дека била ограничена застапеноста при вршењето на готовинските трансакции и размена, првенствено во трговијата.

Денес проблемот со двеилјадарката можеби не е толку во висината на номиналната вредност, колку во фактот дека сè почесто се плаќа со картички. Затоа, колку и да е неочекувано, со 2.000 денари најлесно може да сè се помине на зелените пазари, особено ако се пазарува подоцна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот