Медицинскиот персонал ја затрупа со тужби кумановската болница
Медицинскиот персонал ја затрупа со над 300 тужби Општата болница Куманово. Со нив, вработените бараат неисплатени додатоци за дежурства, хранарина и сменска работа. Активните тужби се однесуваат на период до октомври 2023 година кога на вработените од кои најголемиот дел се средномедицински и помошен персонал – не им било плаќано она што им следува по Колективен договор.
Препорачано
Проблеми има и со дел од лекарите.
-За мене како лекар можам да ви кажам дека уште ме водат како специјализант. Кога ме вработија имав 10 години стаж, по 5 години со завршување на специјализацијата пак на исплатната листа стои „10 години стаж“. Така платата ми е помала а треба да расте со поголемиот број на години стаж, изјави за „Слободен печат“ докторка од болницата.
Таа додаде дека други лекари на кои им било направено истото, веќе се префрлиле во приватниот сектор, а наводно лекари, сестри и болничари почнале нагло да се одјавуваат од синдикатот бидејќи сметале дека синдикатот не им ги заштитувал правата.
Директорот на Општа болница Куманово, Сашо Стошевски, за „Слободен печат“ вели дека активните тужби, кои се стотици на број, се однесуваат на периодот од 2020 до 2023 година.
— Со нив обично се бараат надоместоци за работа во недела, хранарина и сменска работа. Откако сум директор немаме ниедна тужба и го почитуваме Колективниот договор. Но, за викенди празници и недели до 2023 година има повеќе активни тужби за кои очекуваме конечна пресуда. Сите донесени пресуди во корист на вработените се исплатени до денар до денес — вели Стошевски.
Тој вели дека сѐ што со пресуда ќе биде досудено во корист на вработените, ќе биде исплатено.
— Има реални тужби, но има и нереални. Адвокатите си го работат своето. Најголемиот број од тужбите ни се од средномедицински и од помошен персонал. Нормално дека можно е ваквите побарувања да создадат товар врз болницата. Некои од тие суми што се бараат се минимални, но адвокатите наплаќаат по тарифник. И сега ние, сме доведени во ситуација од вкупната сума една петина да ја исплаќаме на вработените а четири петини на адвокатите кои наплаќаат за три-четири рочишта. Така со спогодби се обидуваме да ги спасиме адвокатските и судските трошоци — ни рече директорот.
Болницата се соочува со недостиг на кадар
Болницата во Куманово се соочува со недостиг на кадар од одредени специјалности. Така, на пример, дента кога директорот дошол на позицијата, сите четворица анестезиолози се пензионирале, а кога им било понудено продолжување на договорот до 67-годишна возраст како што дозволува законот, само еден прифатил, а останатите тројца ја одбиле понудата.
Болницата сега има склучено договори со скопските болници ГОБ „8 Септември“, ТОАРИЛУЦ и со универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ од каде во Куманово доаѓаат анестезиолозите. Нивната исплата е за 24-часовни дежурства и за учество во оперативните програми.
Инаку, околу 70 проценти од судските спорови во јавните здравствени установи отпаѓаат на 10 општи болници во државата. Кумановската болница е рекордер, со 317 спорови. Но, и во другите болници каде што вработените тужат финансиските импликации не се занемарливи. Најголема финансиска загуба, доколку вработените ги добијат споровите, би имала Клиничката болница Битола. Сите побарувања кумулативно за сите овие болници по основ на тужби надминуваат 2 милиони евра.
Клекоски апелира да се штети на судски трошоци
Неодамна директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, упати апел до директорите да ги почитуваат обврските од колективните договори со цел болниците да се растоварат од судските трошоци, а таму каде што е оправдано, да пристапуваат кон спогодби за да се штеди на адвокатски и на судски трошоци.
— Истовремено, ги повикуваме здравствените работници, посебно каде што има ниска ефикасност во установите, да се откажат од судските спорови бидејќи имаме парадокс, во истите установи имаме највисоко ниво на додатоци и најголем број на тужби, бидејќи така директно влијаат на одржливоста на нивните сопствени установи — побара Клековски.
Но, медицинскиот кадар според бројот на поднесени тужби е решен да не работи за беспари. Заклучно со декември 2025 година има 1.822 тужби на вработени во 62 од вкупно 108 јавни здравствени установи во земјата.
„Слободен печат“ веќе објави дека и во општата болница Струга шестмина хирурзи бараат да им се исплатат додатоци за одработени часови, а од болницата сметаат дека барањето е неосновано.


