Ана Стојаноска ќе ја претставува Македонија на Детската Евровизија 2026 со песна на Никола Мицевски и Нечовски од „Дупер“
Ана Стојаноска е избрана да ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026, кој ќе се одржи на 24 октомври 2026 година во Валета, Малта, објави Македонската радиотелевизија.
Препорачано
Ана е избрана по спроведена аудиција за избор на претставник на нашата земја. По внимателно разгледување и преслушување на настапите на кандидатите, стручната жири-комисија донела едногласна одлука, препознавајќи ги вокалните способности, сценската појава и уметничкиот потенцијал на Ана.
Композицијата со која Македонија ќе настапи на Јуниорскиот Евросонг 2026 е дело на Никола Мицевски, едно од најпочитуваните и најуспешни имиња на македонската музичка сцена. Песната е избрана преку отворен конкурс за автори, при што жири-комисијата исто така донела едногласна одлука во корист на композицијата на Мицевски.
Текстот на песната е дело на Илчо Нечовски, познат на пошироката јавност како дел од популарниот македонски бенд „Дупер“. Како автор и изведувач, Нечовски е препознатлив по својот современ лирски израз, автентичност и способност личната емоција да ја преточи во јазик што е директен, младешки и близок до публиката. Неговиот придонес ѝ дава на песната свеж поетски глас, внесувајќи топлина, искреност и современа сензибилност во нејзината порака.


