Полска воведе бавен воз - Фото: Принтскрин/ Јутјуб/ Superalbs Travels

ВИДЕО | Патување низ времето — Полска воведе бавен воз што буди носталгија од осумдесеттите и уживање во природните пејзажи

Додека современиот железнички сообраќај постојано се натпреварува во тоа што побрзо да ги превезе патниците од една до друга дестинација, Полските железници одлучија да тргнат во сосема поинаква насока и воведоа „бавен“ воз, пренесува „Ројтерс“.

Низ централниот дел на Полска неодамна почна да сообраќа нова железничка линија која наместо брзина нуди опуштено патување низ најживописните предели во земјата. Проектот буди силна носталгија за осумдесеттите години од минатиот век и им овозможува на патниците да уживаат во глетките наместо постојано да гледаат во екраните на своите уреди.

Уште на прв поглед, композицијата со локомотива обоена во ретро-стил потсетува на некои поинакви времиња. Внатрешноста на вагоните е уредена во духот на минатото, со портокалови завеси, ретро географски карти на ѕидовите и патници кои мирно гледаат низ прозорците додека возот минува покрај шуми и ја преминува реката Висла.

Вистинското срце на овој воз е вагон-ресторанот „Варс“, каде што речиси секогаш се бара место повеќе. Наместо брзи оброци какви што се нудат во модерните возови, тука искусни готвачи подготвуваат традиционални полски специјалитети.

„Нудиме старомодно полско мени. Сите производи се подготвуваат во нашата централна кујна, а нашите искусни готвачи ги довршуваат овде, во возот“, објаснува домаќинката на вагон-ресторанот Ева, додека послужува традиционална пита со јаболка и нефилтрирано полско кафе.

За многумина патници ова патување претставува вистински дигитален одмор и можност за враќање на спомените од детството.

„Чувството е прекрасно затоа што низ прозорецот ги гледам овие пејзажи. Не гледам во телефонот, не читам весници, туку едноставно го набљудувам светот околу мене. Нашата полска природа е прекрасна“, вели пензионерот Витек од градот Цјеханов.

Иако Полска располага со развиена мрежа на брзи возови, овој необичен проект покажува дека постои значителен интерес и за оние кои сакаат да го забават темпото на животот и повторно да уживаат во самото патување, а не само во пристигнувањето на крајната дестинација.

ФОТО | Носталгија од 80-тите: Музеј во Сараево изложи полициско „Југо“ во автентичен стан на трет кат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот