Марта Кос ќе направи „потстриг“, ама не и пресврт
Еврокомесарката Марта Кос во јули повторно доаѓа во Скопје, но очекувањата дека посетата ќе донесе пресврт се минимални. Премиерот Христијан Мицкоски ја претставува посетата како редовна регионална обиколка, додека аналитичарите оценуваат дека уставните измени остануваат главниот услов за придвижување на процесот.
Еврокомесарката за добрососедска политика и проширување Марта Кос во јули повторно ќе престојува во Скопје, во период кога македонскиот евроинтегративен процес останува заглавен меѓу барањето за уставни измени, спорот со Бугарија и очекувањата од Европската Унија за појасни политички гаранции.
Препорачано
Прашањето е дали Кос во Скопје ќе донесе нешто повеќе од повторување на нам добро познатата формула, а дополнителна тежина на посетата ѝ дава и нејзиниот претходен настап во Скопје, кога Кос зборуваше за идентитетот и порача дека тој не може да биде предмет на политичко одлучување.
Таа тогаш го поврза идентитетот со традицијата, јазикот, манастирите и македонската кујна, споменувајќи погача, тавче-гравче, пинџур и полнети пиперки. Изјавата предизвика реакции во јавноста, бидејќи дел од критиките беа дека чувствителните идентитетски прашања се сведуваат на гастрономија во период кога спорот со Бугарија се води околу историјата, јазикот и националниот идентитет.
Токму затоа новата посета на Кос нема да биде само протоколарна во очите на јавноста. Таа ќе биде читана низ неколку прашања: дали Европската комисија има нова порака за Скопје, дали има простор за дополнителни уверувања околу европскиот пат и дали засилената дипломатска активност на Брисел може да донесе придвижување во процесот што со години стои во место.
Мицкоски: Обична редовна посета
Премиерот Христијан Мицкоски во неделата изјави дека еврокомесарката за добрососедска политика и проширување Марта Кос ќе престојува во земјава во рамките на редовна обиколка на регионот, нагласувајќи дека станува збор за вообичаена практика на европските функционери.
Тој посочи дека посетата на Кос е дел од редовните ангажмани во земјите од Западен Балкан.
– Според опозицијата, Владата била изолирана, а како таква изолирана јас во рок од два месеца остварив билатерална средба со турскиот претседател, францускиот претседател и со германскиот канцелар. Во билатерална посета беше хрватскиот премиер, јас бев во билатерална посета со австрискиот канцелар и во Скопје беше претседателот на Европскиот совет, сето тоа за само два месеца – изјави Мицкоски.
Премиерот уште еднаш им повтори на новинарите дека доаѓањето на Марта Кос е дел од редовната обиколка на европските институции низ регионот, иако, во политичкиот контекст во кој се наоѓа земјава, дури и редовните посети добиваат поголема тежина кога доаѓаат од европски функционер задолжен за проширувањето.
Чуда нема да се случат
Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски во разговор за „Слободен печат“ вели дека не очекува да се случат чуда по посетата на еврокомесарката Марта Кос во Скопје.
– Како што е веќе најавено, станува збор за редовна посета на еврокомесарката, така што најверојатно фокусот ќе биде ставен на реформската агенда и на другите технички делови на процесот. Се разбира, имајќи предвид каде се наоѓа Македонија во моментов, слободно ќе кажам дека чуда не се можни. Марта Кос е еврокомесарка и нејзина работа е редовно да ја посетува Македонија. Затоа, пак ќе кажам, не треба да очекуваме чуда да се случат во јули, а и самата нејзина посета не е врзана со такво нешто – изјави Боцевски.
Според него, токму предлогот од Самитот во Тиват може да биде тест дали Европската Унија навистина отвора нова врата за земјите кандидати или само нуди уште една формула без конкретен исход.
– Тоа што за мене е најинтересно е обработката на предлогот што беше пласиран за време на Самитот во Тиват, односно таа рамка за нов модус на интеграција на државите во ЕУ. Доколку тој процес заврши со влез на сите земји од Западен Балкан, вклучително и Украина и Молдавија, тогаш станува збор за квалитетен и нов исчекор. Меѓутоа, доколку не биде така, тогаш проблемот е далеку посериозен и ќе продолжи летот во место на сите земји кандидати – објаснува Боцевски.
Политички потстриг
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за „Слободен печат“ вели дека веројатноста Марта Кос да донесе нешто спектакуларно во Скопје е минимална, па дури и непостоечка.
– Нејзината посета е дел од редовна тура на регионот и во таа смисла најверојатното сценарио е дека е се случи генерален политички „потстриг“ за евроинтеграциите. Не верувам дека ќе се променат условите и уставните измени ќе останат како главен услов за почеток на преговорите. Но, може да се очекува да се разговара за новата идеја на Макрон и на Мерц за постепена интеграција, но тоа важи само за оние земји што веќе се во процесот, а ние, за жал, не сме во таа лига. За да се случи тоа, треба да ги започнеме преговорите односно да ги направиме уставните измени – објаснува Арсовски.
Тој смета дека на јулската средба во Скопје може да се случи еден вид „политички потстриг“.
– Средбата може да се сфати како политичко потстрижување со цел регионот да може да продолжи да се движи по европската агенда, имајќи предвид дека преговорите со Украина и со Молдавија официјално се започнати. Значи, тоа би се направило единствено за да не се почувствува Балканот изоставено од таа агенда. Инаку, ништо друго спектакуларно не очекувам да се случи – истакна Арсовски.
Марта Кос: „Во ЕУ има место за сите земји од Западен Балкан“


