Стевчо Јакимовски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Стевчо Јакимовски сам отишол во Суд да си ја земе пресудата – бара одложување на затворската казна

Поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчo Јакимовски денеска сам отишол во Кривичниот суд да си ја земе пресудата која е правосилна и со која е осуден на една година затворска казна за бесправно градење.

Јакимовски во разговор за „Слободен печат“ потврди дека неговиот адвокат уште во петокот побарал одложување на извршувањето на затворската казна, за која доби упатен акт дека треба да ја издржува од 2 јули во затворот во Шутка.

Тој побарал одложување врз основа на здравствени причини, а тоа му го овозможува Законот за извршување на санкции. Јакимовски викендов излезе на прес-конференција и кажа дека сè уште ја нема добиено пресудата иако упатниот акт за в затвор го добил во четвртокот.

-Оние што ја донесоа пресудата и оние што ја направија оваа работа, се потрудија во четвртокот околу 14 часот да го добијам упатниот акт за одење во затворот Шуто Оризари на 2 јули оваа година, и можете ли да замислите до каде оди некоректноста, до ден-денес сè уште ја немам добиено пресудата. ​Што е крајно некоректно и невообичаено. Веројатно тие мислеле дека пресудата ја има оној којшто треба, односно оној којшто ја нарачал, а тоа е Христијан Мицкоски, и дека таа мене не ми е потребна. А јавноста мора да знае дека роковите за жалба, односно правосилноста на пресудата станува тогаш кога ќе ја добие тој што е осуден, а јас нејзе сè уште ја немам за да можам да поднесам жалба до Врховниот суд. ​Очигледно, со ваквата нечесна работа и натаму до крај, покрај фалсификатите и притисоците што ги користеа во оваа постапка, се обидуваат да го пролонгираат поднесувањето на барањето за преиспитување на одлуката на Апелациониот суд – рече Јакимовски во саботата.

Стевчо Јакимовски е правосилно осуден на една година затвор

Од Кривичниот суд за „Слободен печат“ велат дека пресудата веднаш му била испратена по редовна пошта, а во текот на денот рекоа дека ќе се изврши специјална достава.

-Пресудата на осудениот С.Ј. е испратена до него по редовна пошта, како што се доставуваат сите второстепени одлуки, истиот ден кога е примена во кривичниот суд, вторник, 9 јуни. Упатниот акт е доставен преку судија за извршување на санкции, со специјална достава, како што се доставуваат сите упатни акти. Во текот на денот ќе се изврши специјална достава и за одлуката – рекоа од Кривичен.

По пресудата на Апелација, која за бесправно градење ја потврди казната од една година затвор, а за злоупотреба на службената положба го врати предметот на повторно судење, Јакимовски има право на поднесување барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда. Рокот на Јакимовски му е 30 дена откако ќе ја прими пресудата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот