Фото: Икс / Монтажа

ВИДЕО | Полицијата во Женева приведе над 20 луѓе на протест против Г7 – демонстранти фрлаа камења и запалија „тесла“

Полицијата во Женева употреби солзавец и водени топови во судири со демонстранти кои фрлаа камења и запалија возило на „Тесла“ за време на протести против самитот на Г7, при што беа уапсени повеќе од дваесетмина, пренесува „Скајњуз“.

Околу 20.000 луѓе се собраа на марш кој првично бил мирен, но подоцна демонстрантите почнале да таргетираат, како што ги опишаа, симболи на капитализмот и мултикултурализмот, меѓу кои „Тесла“, канцеларија на ОН и една банка.

Полицијата соопшти дека меѓу присутните имало околу 600 милитанти од „Блек блок“, додека други демонстранти биле од активистички групи, вклучувајќи екологисти, застапници за женски права и поддржувачи на Палестина, а дел од учесниците носеле транспаренти со слогани против американскиот претседател Доналд Трамп.

Демонстрантите биле забележани како фрлаат со камења кон полицијата, а некои користеле и пиротехника.

Судирите продолжиле и по издавањето наредби за растурање на протестот.

Пред демонстрациите, продавниците биле заштитени со дрвени плочи, а распоредени биле стотици полицајци за разбивање демонстрации поради претходни стравувања од насилство.

Протестите со години се честа појава на собирите на Г7, при што многумина ги користат самитите за да изразат гнев поради капитализмот, глобализацијата и поради нееднаквоста.

Оваа година, состанокот на Г7 се одржува во Евиан-ле-Бен, на спротивната страна од Женевското Езеро од градот Женева.

Протестите почнале уште еден ден порано, кога околу 20 чамци се појавиле на езерото пред бреговите на Евиан, при што биле истакнати антивладини и пропалестински транспаренти.

Швајцарските медиуми јавија дека околу 20 демонстранти биле уапсени во петокот.

Самитот на Г7 ќе трае од денеска до среда во Евиан-ле-Бен, на брегот на Женевското Езеро, каде ќе се сретнат лидерите на Канада, ЕУ, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД, а ќе бидат поканети и лидери од други земји.

Состанокот се одржува во време кога САД и Иран изгледа се блиску до договор за завршување на војната и отворање на Ормускиот Теснец, што се очекува да биде една од главните теми, заедно со војната во Украина.

Други теми што се очекува да бидат дискутирани се економски прашања како глобалната нееднаквост и пристапот до критични минерали.

Г7 го поддржува предлогот за ослободување на американските компании од повисоки даночни стапки

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот