ВИДЕО | Турција во шок — актерската ѕвезда Еџе Иртем ненадејно почина, само неколку часа по 35-тиот роденден
Турската актерка Еџе Иртем, која на македонската и регионалната публика ѝ е најдобро позната по улогата на Ишил во мегапопуларната серија „Шербет од брусница“ (Kızılcık Şerbeti / One Love), ненадејно почина на 35-годишна возраст, јавија турските медиуми.
Препорачано
Според информациите, на младата актерка ѝ се слошило утрото во нејзиниот дом, додека била заедно со мајка си. Набрзо пристигнала медицинска екипа, но и покрај сите обиди за реанимација и медицински интервенции, таа не успеала да се избори со силниот срцев удар.
По потресниот детал плаче цела Турција
Веста за нејзината ненадејна смрт предизвика шок во уметничкиот свет и меѓу нејзините бројни обожаватели, а еден болен детал дополнително предизвика неверување — Еџе Иртем почина непосредно по нејзиниот 35-ти роденден, а роденденските честитки на социјалните мрежи и инстаграм-приказни сè уште стојат. Таа е родена на 14 јуни 1991 година, а само неколку часа пред трагедијата, им се заблагодарила на пријателите и фановите за честитките и убавите желби за роденденот.
Официјално соопштение од нејзиниот адвокат
Преку менаџерската агенција која ја застапуваше актерката, со официјално соопштение се огласи нејзиниот адвокат Угур Гокујун:
„Мојата клиентка Еџе Иртем почина денеска околу 12:00 часот. Настанот се случи во нејзиниот дом додека беше со својата мајка. Според првичните наоди, сметаме дека причината за смртта е срцев удар. Истрагата е во тек, а точната причина официјално ќе биде соопштена по обдукцискиот извештај. Јавноста ќе биде дополнително информирана кога ќе пристигнат резултатите. Изразувам најдлабоко сочувство до нејзиното семејство и до сите нејзини најблиски“.
Која беше Еџе Иртем?
Еџе Иртем е родена во Сивас во 1991 година. Во 2014 година дипломирала на Отсекот за опера и соло пеење при Универзитетот „Јашар“ како трета во својата класа, каде што работела со некои од најголемите турски и светски оперски имиња.
Иртем од основно училиште се занимавала со атлетика, но нејзината вистинска пасија била глумата. Пишувала сопствени текстови и скечеви за училишните претстави, а по преселбата во Истанбул завршила престижна школа за актерство во Културниот центар Садри Алишик (2014-2015).
Најголемата слава и регионална препознатливост ја стекна со одличната изведба на ликот Ишил во хит-драмата „Шербет од брусница“, која урива рекорди на гледаност на Балканот.


