Филмот за Тоше почнува да се снима во јануари, ќе се прикажува во повеќе земји
Во јануари во 2027, започнува снимањето на долгоочекуваниот биографски проект за поп-ѕвездата Тоше Проески, изјави за „Слободен печат“ Пеце Талески од „Охо продукција“.
Препорачано
Телески потврди дека сценариото е во завршна фаза и дека наскоро овој комплексен проект влегува во реализација.
Според неговите зборови, приказната за Тоше ќе биде раскажана преку три различни формати.
„Планираме да почнеме да го снимаме филмот во јануари, кога ќе падне снег. Станува збор за документарна серија, играна серија и игран филм. Серијата го следи Тоше од неговото детство до крајот, а филмот се однесува на најважните делови од неговиот живот. Серијалот го претставува Тоше каков што беше – ангел на небото“, објаснува Талески.
Со оглед на комплексноста на проектот и регионалното влијание на Проески, „Охо продукција“ ангажира авторитетен тим од Македонија и соседството. Филмот има тројца режисери: Игор Стоименов и Ѓорѓи Унковски, а сценариото го потпишуваат Игор Стоименов, Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин.
„Ова е проект кој носи голема професионална одговорност. Нашата цел е да создадеме филм со висока продукциска вредност што достоинствено ќе го прикаже ликот и делото на Тоше Проески“, нагласува тој.
Кастингот ќе биде наесен, а премиерата се планира за откако ќе заврши постпродукцијата.
Следниот значаен чекор во предпродукцијата е кастингот за актерите. Продуцентот открива дека изборот на екипата допрва претстои, но и дека веќе постои голем интерес:
„Актерите сè уште не се знаат, наесен ќе се изберат по кастинг, но засега има заинтересирани актери кои би сакале да глумат во филмот. Здравје, планот ни е да го завршиме некаде до есента 2027, а понатаму да почнеме со постпродукција, па да размислуваме за премиера“, вели Талески.
Проектот е поддржан од Владата на Македонија. Телевизиската серија ќе биде спакувана во шест епизоди.
Како што додава Талески, тимот има јасна стратегија за пласман и надвор од домашниот пазар: „Имаме план за дистрибуција низ повеќе европски земји.“
Инаку, „Охо продукција“ важи за една од најамбициозните и најпрепознатливите македонски продукции, која со години успешно ја претставува домашната филмска и телевизиска индустрија надвор од границите на земјата. Нејзините продукции досега биле наградувани, селектирани и презентирани на престижни меѓународни фестивали и професионални форуми, што претставува значаен успех за македонската аудиовизуелна индустрија.
Меѓу другите, „Охо“ е продуцент на популарната хумористична серија „Преспав“.
Сѐ почна од Марија: Откриена уште една непозната приказна за Тоше


