Сѐ почна од Марија: Откриена уште една непозната приказна за Тоше
Малкумина го знаат ова за Тоше Проески. Станува збор за изненадувачка приказна од неговата рана младост која неодамна е откриена во јавноста.
Препорачано
На фејбук-страницата „Метео Велес“ се појави снимка од Тоше од почетоците на неговата кариера кога тој пеел фолк музика. Младиот Тоше со групата „903“ низ улиците и на познатите места во Крушево ја снимил песната „Марија“. Ова е љубовна песна за девојка по име Марија, која Тоше ја пее и свири гитара во спотот. Со оваа снимка, уште еднаш се докажа дека нашата музичка легенда се снаоѓаше во сите видови музика, и иако многу млад, Тоше звучи одлично во оваа песна.
„Тоше на самите почетоци од неговата кариера со фолк-рефрени“, пишува во описот на ова видео.
Инаку, досега непозната приказна за Тоше Проески раскажа негов близок пријател, на 25 јануари, на денот кога ќе наполнеше 45 години.
Станува збор за неговиот другар од детството, Стерули Штерјоски, кој го знаеше од мал и денес е верен чувар на спомените за Тоше.
„Пред неколку дена ми пиша еден фан на Тоше и ми сподели нешто што навистина ме допре.
Во едно мало гратче во Босна, Бреза, на само 15 километри од Сараево, Тоше донирал компјутери во средното мешано училиште ‘Мехмедалија Мак Диздар’. По донацијата, останал со учениците, седнал меѓу нив и им одржал час по музичко. Не како ѕвезда, туку како човек. Без телевизиски камери, без наслови по весници, без потреба некој да знае.
Тоше не помагаше за да биде виден, туку затоа што така чувствуваше. Им даваше надеж на младите, радост на луѓето и верба дека добрината сè уште постои.
Затоа и денес, години подоцна, неговото име се изговара со почит, а неговата душа се чувствува меѓу луѓето.
Тоше не беше само глас што пееше, беше срце што сакаше“, раскажа Штерјоски на социјалните мрежи.


