Разговор со фан-клубот на Тоше Проески: Минаа 15 години од неговата смрт, времето не ги лекува раните

Тоше Проески и неговите обожаватели / Фото: Приватна архива

Нашиот драг Тоше Проески има само датум на раѓање и тој засекогаш ќе живее во срцата на секој од нас. Но, 16 октомври 2007 година е датум што засекогаш ќе биде врежан како еден од најтажните датуми во колективното сеќавање на македонскиот народ. Тогаш го загубивме него – веселото момче од Крушево, кое нѐ сакаше сите и сѐ што сакаше е да ни пее.

Петнаесет години подоцна, неговото физичко отсуство е сѐ поприсутно. Но, годинава сакаме да се присетиме само на убавите работи, затоа што спомените со Тоше се токму такви – убави. Поради таа причина, разговаравме со неговите фанови од меѓународниот фан-клуб на Тоше.

Тие постојат подолго време, а еден од нивните најубави проекти е „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“, традиционална музичка манифестација што се одржува на 5 октомври, на денот на неговиот последен концерт во Скопје.

– Наша најголема желба е да остане 5 октомври и да биде во знакот на убавите сеќавања на Тоше, кога сите ќе дадеме свој придонес за да го сочуваме од заборав. Бидејќи имавме тешки години зад нас, би сакале во иднина овој ден да биде со пригодни настани, на кои ќе се потсетиме на нашиот миленик на сите генерации. За 16 октомври обично го посетуваме неговото родно Крушево и вечното почивалиште, но исто така во Скопје, но и во други градови на Балканот, организираме литургија за помен на една младост и еден прерано згаснат живот – Тоше – вели Мери Узуновска од фан-клубот на Тоше.

Тоше и неговите фанови / Фото: Приватна архива

Тоше имаше прекрасен однос со своите фанови, тоа може да го потврди секој што имал прилика да го запознае. Иако сеќавањата се бескрајни, Мери, Радица, Ана, Ема и Донка ни ги раскажаа своите најдраги спомени со славејот од Крушево.

Мери нѐ врати во далечната 2004 година, кога Тоше нѐ претставуваше на Евровизија во Турција, а голем број фанови го пречекаа на скопскиот аеродром.

– Му ја забележав реакцијата кога влезе. Штом ги виде сите тие луѓе што ги оставиле сите свои обврски за да дојдат и да го поздрават, беше воодушевен, ги крена рацете горе и силно викна! Помина покрај сите, и конечно ми дојде во прегратка да го гушнам и да му кажам колку се радувам што се врати. Не сакав да го пуштам, а тој го почувствува моето треперење и ми рече: „Еве сум, ви се вратив! Многу ве сакам! Ви благодарам на сите што дојдовте!“. Од неговата уста излегуваа милозвучни зборови на благодарност како чиниш сите нѐ погали, и како да беше тоа доволно и сѐ што ни требаше во моментот. На враќање, бидејќи беше најавено неговото доаѓање, тие што беа сигурно се сеќаваат на нешто што ми остави силен впечаток, а тоа беше фрлањето цвеќиња по патот каде што поминуваше со своето возило. Едно е сигурно – јас во својот живот досега никогаш не запознав човек со толку убава и чиста душа, кој толку многу сака да пее, кој толку многу го сакаше својот народ и татковина за кои направи сѐ за да ги сплоти, на свој начин со сопствениот жар и глас. Тој беше подвижна убавина, и толку зрел што ја знаеше суштината на животот на свои 26 години – раскажува Мери.

Мери на концерт кај Тоше / Фото: Приватна архива

Сите оние што барем еднаш го изгледале последниот концерт на Тоше, се сеќаваат на малечкото девојче што се качи на сцената додека тој го пееше својот голем хит „По тебе“. Денес, Радица е голема девојка и за „Слободен печат“ се присети на тој момент.

– Тоше Проески го запознав уште како многу мала. Моите родители ми ги пуштаа неговите песни, а јас, иако многу мала, ги засакав и ги слушав постојано. На концертот во 2007 година, кој се одржа на стадион, ме однесе мајка ми. Многу ја молев да ме однесе и да ме качи на сцената за да го гушнам Тоше, како и останатите деца. Некако успеавме да се пробиеме до сцената и, со помош на мајка ми, јас веќе бев на неа. Тоше ја пееше песната „По тебe“, а јас искрено се чувствував чудно, а до некаде и засрамено. Тоше како Тоше, иако пееше, сепак ми посвети внимание, кое ќе го паметам цел живот. Откако се симнав од сцената, бев многу засрамена, но истовремено и многу среќна. За мене, Тоше секогаш ќе биде еден голем човек, кој многу ги сакаше децата. Ќе ми остане едно бесконечно сеќавање дека мигот поминат со него, ќе ми остане еден убав спомен цел живот – раскажува Радица.

Тоше и Радица / Фото: Приватна архива

Ана се присети на една студена зима во Крушево, кое го доживеала како вистинска бајка, и на еден прекрасен и, пред сѐ, човечен гест на Тоше.

– Една вечер толку многу падна снег, што не можевме да го препознаеме нашиот автомобил. Целиот беше под снег. За жал, тој беше толку замрзнат што воопшто не можеше да запали. Стоевме и очајно се мислевме што да правиме без автомобил, во тие доцни часови кога немаше никој по улиците. Додека се договаравме како да се извлечеме од ситуацијата, повторно забележавме светла од автомобил што се приближува од далечината. Одеднаш застана до нас. Се изненадивме кога сфативме дека некој конечно застана да ни помогне. Кога излезе од автомобилот, ние не можевме да си веруваме на очите! Тоа беше Тоше! Кога го видовме, сите толку му се израдувавме и бевме во неверување како од толку луѓе токму Тој (Ѕвездата) застана да ни понуди помош. Несебично се понуди да ни помогне, беше толку пријатен и пријателски расположен, му ја кажавме нашата мака и веднаш повика помош од некој негов познат мајстор, да дојде и да види што е проблемот со возилото. Буквално, човекот веднаш дојде на повикот на Тоше, а автомобилот за брзо време проработе. Тогаш сфатив дека Тоше е во буквална смисла она што сите го зборат за него. Пред сѐ, тој беше добар и хуман човек – раскажува Ана.

Тоше и Ана / Фото: Приватна архива

Ема со многу емоции ни раскажа што, за неа, значи да се биде фан на Тоше.

– Ги затворам очите, вдишувам длабоко и замислувам, стојам пред бело платно на кое ќе ја преточам приказната за Тоше. Првото од сѐ, што искри во мене, е топлина во гради за еден „многу, многу човек“. Второ е сеќавање на концертите и среќата од полногласното пеење со сите емоции – од првиот, па сѐ до последниот концерт. Чувствувам, сакаат и солзите да ги запишам на ова платно, оние од среќа, восхит и почит кон сѐ што тој правеше, но и од тага. Истовремено, се сеќавам на љубовта кон тој човек како менуваше форми, но никогаш суштината. Многу често велам тоа е „Тошељубов“. Тоа е целата љубов, добрина, скромност, искреност, човечност и хуманост во едно. Додека тој твореше и се градеше како личност, ние околу него растевме и гледавме како љубовта поместува граници, како лицата со попречености добиваат крилја пеејќи на сцена со него, а пак, попреченостите стануваа општествена терминологија таму некаде, долу зад нив. Гледавме како прегратките се дом и семејство за оние што го немаат, но и како искрената насмевка ги лекува најтешките солзи. Во себе носам безвременска благодарност што растев во неговото време и имав можност да учам за љубовта и хуманоста од најнесебичниот помеѓу нас. Од оној, кој е точката, од каде започна, везот – раскажува Ема.

Тоше и Ема / Фото: Приватна архива

Донка и нејзината пријателка Гордана биле средношколки кога Тоше полека, но сигурно стануваше најголемата музичка ѕвезда во регионот. Таа реши да ни ја раскаже нивната прва средба, која била само почеток на едно интересно пријателство.

– Нашиот најмил Тоше го запознав сосема случајно. Беше среда 2002 година, а јас и другарка ми Гока од средно училиште бевме прва година и одевме на театар. Кога ја преминувавме улицата за да фатиме автобус, автомобилот на Тоше застана на самиот пешачки премин. И ден-денес се сеќавам на регистрацијата BT 333. Ние само што ја видовме, почнавме да викаме „Тошеее“ и му тропавме на прозорецот. Тој го отвори, ни се насмеа и ни рече: „Девојчиња, ме исплашивте!“ Почнавме да му објаснуваме дека сме негови фанови и дека го сакаме, а тој само се изнасмеа и ни рече: „Оставете ми сигнал на бројот, ќе ве барам за кратко“. Ние возбудени не знаевме кај да одиме, а на театар секако не отидовме. Не ни се веруваше дека го сретнавме Тоше. Не верувавме дека ќе нѐ побара, си помисливме тукутака само ни кажа. По час и половина ни се јави, се сретнавме, слушавме музика, разговаравме и го замоливме да ни запее нешто. Бевме многу среќни, не се опишува тоа чувство со зборови. Никогаш нема да ја заборавам таа наша прва средба. Од тој ден, често се слушавме и се среќававме со Тоше кога тој беше слободен – раскажува Донка.

Тоше. Донка и Гордана / Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот